Денес на Малта беше погребана новинарката Дафне Каруана Галициа, убиена во експлозија на автомобил. На неколку чекори од нејзиниот дом. Убиена затоа што ја барала вистината за корумпираниот свет во кој живееме.

Дафне беше жртва на својата истражувачка работа. Не беше ни прва. И за жал, нема да биде последна. Според Комитетот за заштита на новинари, помеѓу 1992 година и денес 287 новинари загинале во воени зони. Но, шокантната бројка е следната: во истиот период 810 новинари биле убиени бидејќи истражувале корупција и се бореле за човекови права. Од нив само 10 случаи добиле правна разрешница.

Најчесто, овие новинари се жртви на локални бандити и мафијаши кои работат за нечии политички и економски интереси. Дафне работеше на корупцијата на малтешките политичари, непотизмот, перењето пари, организираниот криминал. Дафне беше жртва на закани, заплашувања, напади па беше дури два пати уапсена од малтешката полиција. Но не престана да пишува на својот блог Running Commentary. Во 2016 година таа откри информации, многу непријатни за малтешките политичари во врска со скандалот Панама Пејперс. Дафне беше убиена. Истрагата е во тек, велат властите.

Оваа реченица сигурно ви е позната. И кај на на Балканот истрагите се во тек, толку многу во тек што им требаат месеци, години, децении за да бидат во тек но текот на крајот не дава резултат.

Токму денес, ние, група балкански новинари, почнуваме со нашиот проект посветен на слободата на медиумите, на безбедноста на новинарите, проект против насилството и сеењето омраза.

Македонската НОВАТВ, заедно со колегите од српските Јужне Вести и босанските од Прометеј, тргнуваме во потрага по слободата на новинарството. Наша цел е да ги изнесеме сите говори на омраза, напади врз новинари, заплашувања, насилство, социјалната неизвесност но и други, тивки и речиси невидливи пречки – бирократско-политичкото “насилство” како на пример проблемите за пристап до информации. Закопот на нашата малтешка колешка Дафне и стартот на нашиот проект за “Заштита на слободата на медиумите и изразувањето” се случајност на календарот.

Но ништо нема случајно во злосторствата врз новинарите на сите четири страни на светот, говорот на омраза, заплашувањата, насилството, навредите, заканите, политичкиот и економски притисок, социјалната несигурност, отпуштања од работа поради напишан збор ….

Не може да се зборува за правна држава и демократија се додека новинарите се жртви. Жртви на физичко, психичко, економско и социјално насилство.

Социјалната заштита и платите на новинарите се ниски во Србија, Македонија, Босна и Херцеговина. Новинарот може да биде отпуштен од работа без објаснување и без последици за работодавачот. Исплашени новинари воведуваа автоцензура и носат ниски професионални стандарди во професијата. Колкумина од нас биле прогласени за “државни непријатели”, “странски платеници” и уште редица навреди што пристојноста не ни дозволува да ги напишеме. Колкумина одлучиле дека и покрај се ќе продолжат да ја пишуваат вистината? Многу малку!

Вчера во Србија беше одбележан Денот на борбата против неказнивоста на злостроствата врз новинарите. Државата треба да го казнува оние пто напаѓаат и им се закануваат на новинари но за жал, државата е  таа што во изминатите години ги штитеше тие што ги напаѓаа новинарите, вели нашиот партнер во овој проект, Предраг Благојевиќ од Јужне Вести.

И ние во Македонија и колегите во Босна и Херцеговина би можеле да ја потпишеме оваа изјава. Во изминатите години имаше напади и закани врз новинари. Но ете, досега не сме виделе дека некој за било што одговарал.

Цел на овој едногодишен проект е да се поткрене свеста во јавноста дека слободата на медиумите е и нивна слобода и дел од нивната борба за демократија. Преку соработка со нашите соседи. За да не ни се случи и нам она што и се случи на Дафне.

 

“Проектот е финансиран од Европската унија преку програмата за мали грантови „Заштита на медиумските слободи и слободата на говор во Западен Балкан“ имплементиран од Здружението на новинари на Хрватска како дел од Регионалната платформа за застапување на медиусмките слободи и безбедност во Западен Балкан во партнерство со шест организации од регионот (Независното здружение на новинари од Србија, Здружението на новинари од БиХ, Хрватсото здружение на на новинари, Здружението на новинари од Македонија и Унијата на медиумите од Црна Гора”.