Задоволна одбраната на обвинетите во случајот „Монструм“ по денешниот распит на заштитениот сведок Е1. Судницата денеска беше затворена за јавноста, а своето сведочење, Е1 го даваше во посебни услови – со заматен лик и мутиран глас, под силно полициско обезбедување.
По речиси три часа распит, одбраната не даде детална информација за исказот на сведокот, бидејќи се работи за класифицирана информација. Овојпат, и обвинетите и нивните адвокати се согласија со предлогот на судот – новинарите да ја напуштат судницата.
Процесот „Монструм“ почна од почеток минатата недела откако беше проширено обвинението со вклучување на Сами Љута како седмообвинет а кој тврдеше дека никогаш не бил на местото на масакрот кај Смилковско езеро. Првообвинетите за петкратното убиство и понатаму се во затвор во Приштина, обвинети за поседување оружје од каде се чека нивна екстрадиција.




