На Клиниката за токсикологија повеќе нема ниту еден од учениците и вработените кои вчера вдишаа непознат гас во економското училиште во Гостивар. Сите си заминале на сопствено инсистирање, учениците со потпис од родителите. Ноќеска заминале четворица возрасни, а денеска на пладне и последните ученици кои останале на опсервација.
Директорот на Клиниката, Андон Чибишев за НОВА вели дека пациентите според протоколот требало да останат додека бидат готови токсиколошките анализи, но тие се чувствувале добро и барале да бидат пуштени дома.
-Сите си заминаа со потпис и на сопствено инсистирање. Всушност тие немаа никакви други симптоми освен печење и гребење на очите, кашлање, но ниту кај еден од нив лабораториските анализи и другите испитувања не покажаа ништо,изјави за НОВА директорот Чибишев.
Резултатите од токсиколошките анализи се работат на Институтот за судска медицина и веројатно ќе бидат соопштени кога ќе заврши истрагата на МВР, каде што исто така вршат испитување на материјали од теренот.
Инаку, доцна синоќа освен премиерот Груевски и министерката Јанкуловска, затруените ги посетиле и високи функционери и министри од ДУИ, меѓу кои Муса Џафери, Талат Џафери, Сафет Незири, Бујар Османи и други кои се интересирале за здравствената состојба и како дошло до инцидентот.




