Вкупно 13.100 евра глоба и забрана за вршење дејност и се изречени на Еко-оранжерии „Анска Река“ која пласираше 34 тони корнишони со зголемена концентрација пестициди во Хрватска.
Како што соопшти денеска директорот на Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ) Румен Стаменов, краставичките кои ги увезе „Подравка“ се уништени на депонија во Вараждин.
– На македонскиот пазар нема од овие корнишони. Целото производство заврши во Хрватска, нагласи Стаменов на прес-конференција, изразувајќи уверување дека домашните потрошувачи може да бидат сосема спокојни.
„Анска Река“ ќе плати 8.600 евра за изезените корнишони со вишок пестициди и дополнителни 4.500 евра зашто и по предупредувањето од Инспекторатот, не се евидентирала во Регистарот на производители, преработувачи и дистрибутери на производи од растителни потекло на Фитосанитарната управа.
Според директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Дејан Рунтевски, „Анска Река“ користеле и несоодветен пестицид, за компир, маслодајна репка и овошје, а не за краставички.
>>Инспекторат за земјоделие: За случајот отровно грозје дознавме од медиумите
Во врска со пратката грозје тешка 9.200 килограми која исто така содржеше повеќе пестициди од дозволеното, а се продаде во Франција, директорот на ДИЗ напомена дека потекнува од индивидуален производител. Извозник е „Виви пром“ Богданци, а откупувач физичко лице. Случајот го презема Инспекторатот и веќе врши увид.




