Пациентите, зависници од дрога ќе примаат терапија во поликлиниките во Аеродром и Ченто, како и во Психијатриската болница во Бардовци. Дел од нив ќе се лекуваат како и досега во Центарот за зависници во Кисела Вода и во Општата градска болница „8 Септември“ каде што неколку години постои ваков центар, информира денеска на брифинг со новинарите, министерот за здравство Венко Филипче.
Со ова сите 520 зависници кои се ставена на терапија за лекување и оддржување ќе бидат распределени по околу 100 во секој од центрите и нема да имаат можност за создаваат проблеми на населението, ниту пак ќе можат да манипулираат со терапијата, како што беше тоа случај до сега, рече Филипче.
„Пациентите, терапијата ќе ја земаат во присуство на доктор, со тоа ќе се отстрани можноста за препродавање надвор од болниците, што значи дека и сегашната слика на расфрлени шприцови и игли комплетно ќе се заборави“, изјави Филипче.
Пунктовите во Јане Сандански и Ченто се речиси подготвени, потребно е да се набават уште сефови, по што ќе започнат со работа, а целиот процес се очекува да заврши до септември. Останатите пунктови се уште се подготвуваат, а се планира вакви пунктови да се отворат и во поликлиниките во Ѓорче Петров, Чаир и Шуто Оризари.
Концензус кој овозможува да продолжи процесот за дисперзија на програмата за третман и превенција од зависности од Дневниот центар во Кисела Вода е постигнат откако вчера имало средба со градоначалниците на општините Гази Баба и на Кисела Вода, Борис Георгиевски и Филип Темелковски, со директорот на Психијатриската болница Скопје, Ќамил Ковачи и со претставници на општините Аеродром и Карпош и со здруженија на граѓани.
Вкупно 1950 пациенти во државата се лекуваат од зависност од дрога и тие се распоредени во 11 пунктови во Скопје, Битола, Тетово, Штип, Кичево, Струмица, Гевгелија, Кавадарци, Велес, Куманово и Охрид.




