Резултатите од новата истрага за падот на авионот на македонскиот претседател Борис Трајковски ќе му бидат предадени на обвинителството на БиХ на одлучување.
„Дефинитивно ќе биде ставена точка на целиот случај. Се е разјаснето“, вели главниот истражител Омер Кулиќ, објавува Ал Џезира.
„Останаа само уште два-три ситни детали да ги добиеме, и тоа е тоа. Станува збор за документи на службите. Останува тоа да го подготвиме, да дадеме мислење и да се објави. Наодот нема да биде објавен се до десетгодишнината од трагедијата. Најверојатно во март или април оваа година“, вели Кулиќ.

Според процедурата резултатите од истрагата прво ќе бидат испратени во Обвинителството на БиХ. „Тие ќе одлучуваат дали има елементи на кривично дело. Нашето е да истражиме како се случило, другото е нивна одлука. Тие ќе одлучат што се случило во соработка со колегите од обвинителството од Македонија“, објаснува Кулиќ.
Македонскиот претседател загина кај Ротимље во авионска несреќа на 26 февруари 2004 година, заедно со своите соработници и членови на екипажот.
Истрагата за падот на авионот беше повторно отворена во јануари 2013 година на барање на Македонија, по собраните дополнителни докази од македонското МВР.
Комисијата за испитување на причините на несреќата, формирана при Советот на министри на БиХ, заклучи дека причината за падот на кингерот била „процедурална грешка на пилотската екипа во фаза на слетување на Мостарскиот аеродром, која довела до тоа авионот да удри во ридот Матиќ“.
Но адвокатите и семејствата на загинатите тврдеа дека врз Трајковски е извршен атентат, а останатите членови на делегацијата и екипажит се колатерална штета.




