„Тука сме секогаш за народот и за Република Македонија. Во овие проекти може да се најде секој од вас и ако ви се видоа многу овие 4 часа, ова е само дел од отчетот за сработеното“.
Со овие зборови, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски го затвори конгресот на партијата кој започна нешто по 18:30 часот а на кој тој прашуваше, министрите одговараа а публиката ракоплескаше.
Во отчетот кој ВМРО-ДПМНЕ го организираше за сработеното од 2006 наваму, Груевски освен со министрите кои се од неговата партија и пошироката владејачка коалиција, разговараше и со луѓето кои се појавуваа во промотивните спотови посветени на сработеното во сферата на образованието, здравството, земјоделството, економијата и други сектори.
Видеото е преземено од ЈуТјуб каналот „Македонија 24“
Периодот зад нас е период кога преку голем број на мерки и проекти покажавме што значи искрена грижа и поддршка за пензионерите, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
– Мерки и проекти кои значеа изградба на сеопфатен систем кој овозможува достоинствен, посигурен и посреќен живот на нашите сограѓани – пензионерите, и со кои јасно се покажува нашата определба да им се помогне на овие граѓани, рече Груевски.
Министерот за надворешни работи, Никола Попоски зборувајќи за името, рече дека Македонија нема да прифати менување на установто име.
– Македонија останува посветена на надминување на спорот со името наметнат од Грција. По пресудата на Меѓународниот суд на правдата во 2011-та година, јасно е на чија страна е и меѓународното право. Тоа не го велиме ние, тоа го вели највисоката судска инстанца за меѓународно право во светот. Мислам дека е значајно да нагласиме дека премногу генерации, премногу мака имаат видено за да може некој да си поигрува со ова прашање и затоа сме одлучни во однос на ова. Уште еднаш би повториле дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати промена на уставот со цел промена на уставното име на Република Македонија, порача меѓу другото тој.
Министерот за финансии пак, Зоран Ставрески рече дека субвенциите се едно од најкрупните ветувања и 10 години по ред тоа ветување го исполнуваат.
– Земјоделецот знае дека има партнер во Владата, знае дека треба да добие субвенции и знае колку ќе добие и знае кога ќе ги добие, му создава сигурност на земјоделецот. Во поглед на делот на субвенциите земјоделците со ВМРО-ДПМНЕ знаат на што се, рече Ставрески.
Публиката аплаудираше и за увозот на автомобилите, за роамингот, за даноците, за проектот Купи куќа – купи стан итн. По речиси секој отчет за проект во салата „Јане Сандански“ скандираше „Никола, Никола“.
– Најголем дел од тоа што е ветено е остварено, и нешто кое не сме го ветиле, а сме го оствариле. Ете тоа нè прави различни. Покажавме како изгледа да се гради, да правиш реформи. Денес луѓето лесно може да направат споредба за тоа како било некогаш, а како е денеска. Нашата доверба донесе над 150.000 нови работни места, порача Груевски за време на отчетот.




