Заврши увидот на истражните органи по пожарот во модуларната ковид болница во Тетово. Истрагата треба да покаже кои се причините за избувнување на пожарот. На неа работат пет јавни обвинители, троца од ОЈО Тетово и двајца од ОЈО Скопје.
Паралелно, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ќе ги истражува јавните набавки за сите модуларни болници кои се изградија во земјава. Станува збор за 19 објекти. Шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска рече дека уште утре ќе ја побараат целата документација за модуларните болници од Бирото за јавни набавки. Обвинителството ќе утврдува евентуални неправилности при тендерската постапка
– Утре ќе доставиме наредба до Бирото за јавни набавки да ни се достави целокупната документација. Ќе провериме дали јавните набавки биле во ред. Доколку биле во ред, нема кривична одговорност од аспект на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Но, доколку јавните набавки не биле во ред, тогаш ние ќе преземеме во тој дел, јавните набавки, изјави Русковска за Сител ТВ.