Денеска во Кривичниот каде што се изнесуваа завршните зборови во случајот „Монструм“, обвинителството побара најстрога казна за обвинетите за масакрот кај Смиљковското езеро кога пет млади момчиња беа убиени со 21 куршум.
„Пукаме на Велики Четврток, за да ви биде крвав Велигден. За да ви ја уништиме верата. Пукаме во млади машки момчиња, за да ви ја уништиме нацијата. За да ви ја уништиме иднината на државата“, со овие зборови обвинителката во случајот „Монструм“ ја интерпретираше пораката која според неа сакале да ја упатат обвинетите.
Гешковска ја аргументираше пораката со доказите кои обвинителството ги собрало. Според обвинителството, обвинетите намерно избрале пет млади Македонци во кои испукале 21 куршум, додека сведоците кои се нашле на местото на настанот, а кои што биле пуштени да си одат не биле Македонци. Исто така, според обвинителството, во прилог на оваа теза оделе и содржините со националистички пораки кои биле најдени во компјутерите на обвинетите, додека прегледите на нивната меѓусебна комуникација ги лоцирале токму на Смиљковското езеро ноќта на масакрот. Како доказ претходно беше приложен и огласот за продажба на црвена „опел омега“ која беше најдена во близина на местото на повеќекратното убиство, а во автомобилот имало и траги од земјата кај езерото, како и траги од пот на еден од обвинитетите.
Адвокатите на обвинетите во своите завршни зборови негираа директна поврзаност на доказите на обвинителството со нивните клиенти кои се изнесоа како невини пред Судот.
Адвокатите на оштетените семејста побараа најстроги казни за нив, а најавија дека ќе бараат и оштета во граѓанска парница за претрпена душевна болка поради загубата.




