Здравствениот систем се подготвува за нов сериозен бран од коронавирусот за кој е можно да биде наесен, информира министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.За таа цел започнува подготовка за зајакнување на капацитетите на одделите за интензивна нега во болниците.

„Коронавирусот многу веројатно ќе има и втор бран покажуваат сите досегашни студии, но и искуства од други епидемии. За него се подготвуваме согласно консултациите кои ги имаме со повеќе земји, со СЗО, но и со поединечни случаи од повеќе земји. Започнуваме голема инвестиција во здравствениот систем и ги зајакнуваме одделенијата за интензивна нега ширум земјата. Се подготвуваме за новиот бран на вирусот наесен и ќе го пречекаме поподготвени за да го заштитиме здравјето за граѓаните, изјави министерот Филипче.

Тој најави дека започнуваат да ги опремуваат сите одделенија за интензивна нега со модерна опрема, кревети, респиратори, дигитални рендген апарати, ЕХО апарати и се друго што е потребно за да се пружи соодветна здравствена заштита.

„Покажавме што значи да се работи во интерес на граѓаните и како одговорно и навреме се делува во случај на криза, покажавме дека умееме одлично да се носиме со големите предизвици и кризи и тоа уште подобро ќе го правиме кога и да го имаме пред нас повторно предизвикот за заштита на јавното здравје и граѓаните“, рече Филипче.