Земјите од Европската Унија денеска се согласија дека нападот со хемиско оружје на 21 август во предградието во Дамаск го извршил сиријскиот режим., но дека за евентуален воен напад на Сирија треба да се сочека извештајот на ОН.
По состанокот со американскиот државен секретар Џон Кери, министрите на ЕУ ја завршија расправата за Сирија во Литванија, соопштувајќи дека информациите со кои располагаат, покажуваат постоење цврсти докази дека сиријскиот режим треба да сноси одговорност.
Овој став на прес конференцијата во Вилнус го соопшти високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Кетрин Ештон.
Ставот наиде на одобрение од американскиот државен секретар Џон Кери кој во Вилнус присуствуваше со цел да обезбеди поддршка за американскиот план за воен напад врз Сирија.
Земјите од ЕУ, од кои повеќето беа скептични по ова прашање, истакнаа дека на сиријската криза треба да и се одговори низ процесот на ОН, додавајчи дека се надеваат дека извештајот на истражувачите од ОН ќе биде објавен што е можно побрзо.