„Техничкиот комитет на Првенството ја одби жалбата на МКФ за натпреварот против Црна Гора, со образложение дека според Регулациите на ФИБА Европа, снимка не може да се прегледува за да се промени конечен резултат на еден натпревар. Со тоа, судиската одлука е валидна и натпреварот се регистрира со победа на Црна Гора од 81-80“, соопштуваат од Кошаркарската федерација Македонија по вчерашната поднесена жалба.
На почетокот од Евробаскетот 2013 во Словенија, претставниците на Кошаркарската федерација на Македонија поднесоа жалба до ФИБА по натпреварот кој под неразјаснета одлука на тројцата судии, заврши со 80-81 за Црна Гора.
Македонија во жалбата наведе дека е оштетена бидејќи на видеото од последниот напад се забележува дека црногорскиот кошаркар Милко Бјелица ја фаќа мрежичката додека топката е сеуште на обрачот, нешто што според правилата во кошарката е недозволиво.
Според изјавите на Дамјан Стојановски, македонскиот кошаркарски тим сметаат дека поразот на репрезентацијата го предизвикаа други фактори а не спорниот момент околу одлуката на судиите.
„Знаевме дека ќе биде тежок натпревар полн со многу нервоза. Првите натпревари се секогаш такви, најтешки. Одигравме добро во поголемиот дел, но ни падна концентрацијата во завршните минути и тоа скапо не чинеше. Сепак, сметам дека други фактори го одлучија победникот“, изјави Дамјан Стојановски на прес-конференцијата.
Надежите сепак беа „тенки“, бидејќи промена на официјална одлука на големите натпреварувања на ФИБА е нешто што досега не се случило.



