Се оствари стравувањето на раководството на Општина Центар дека Државната комисија за жалби по јавни набавки ќе донесе одлука како што ќе и наложи власта без разлика на фактичката состојба и законските норми, информира Општината.
Во нивното соопштение се вели:
-Вчера комисијата ја уважи жалбата на Агенцијата за времени вработувања ЈОБ 2011, со што се поништува постапката за избор на агенција која требаше да го реши случајот со 32-та вработени во општина Центар на кои им престана договорот поради одземена лиценца на агенцијата Интелект.
Со ова 32 лица остануваат на улица, се обезглавува Кабинетот на градоначалникот, а општината останува и без раководители на сектори и без лица кои работат на просторното и урбанистичко планирање, зеленилото и осветлувањето.
Во дописот до Општина Центар се посочува дека причина е не наведувањето на бројот на лицата, а при тоа од истиот број зависеле и категориите на лиценци кои ги имаат економските оператори, тоа довело до забуна кај истите.
Дека се работи за тенденциозна одлука, покажува документот во кој јасно стои дека на барање од една од Агенциите која подигнала тендерска документација за време на траење на огласот, неколку дена пред доставување на понудите, на сите агенции кои подигнале тендерска документација им е одговорено на поставеното прашање за колкав број на вработени се работи и за износот на бруто платата.
Од документот се гледа дека образложението на Државната комисија е паушално, неосновано и невистинито, бидејќи овој документ и беше доставен и на комисијата .
Општина Центар ова ќе го обжали на Управен суд и ќе распише нов оглас за избор на нова агенција.
По одземањето на лиценцата на претходната агенција, Општина Центар буквално е блокирана, без работа остануваат правници, економисти, магистри, архитекти, градежни инженери, геодети, лица неопходни за нормално функционирање. Меѓу нив се и вработени со договор од претходниот градоначалник.
Дека власта не остава ништо на случајност, покажува и фактот што денеска инспектори од трудова инспекција при Министерството за труд и социјална политика( истото министерство кое ја одзема лиценцата на Агенцијата која се „дрзна“ да работи со општина Центар), ги „ловеа“ по општината избрканите работници. Инспекторите проверуваа дали некој од 32-та избркани се уште доаѓа во Општина Центар.
Со денешната постапка и со оневозможувањето нормално да функционира Општина Центар, власта веќе не ја крие намерата дека ќе направи се за да ја згази волјата на жителите на Центар кои и дадоа црвен картон на власта. Со ова сакаат да се стопираат проектите кои се веќе во постапка.
Но Општина Центар ќе направи се и нема да потклекне пред притисоците на власта, соопштуваат оттаму.




