Жените во Шуто Оризари денеска јавно го повикаа Министерството за здравство што побргу да донесе матичен гинеколог и со тоа да го реши проблемот на 8000 жени во репродуктивен период кои нема каде да се лекуваат, ниту пак, има кој да ја следи нивната бременост. Тие преку петиција собраа 2200 потписи кои ќе бидат доставени во ресорното Министерство.
„Станува збор за жени кои се од социјално загрозени семејства и одењето во друга општина за нив е трошок. Бараме Министерството за здравство да излезе во пресрет на нашите потреби и што побргу да го реши проблемот со матичен гинеколог во општината“, изјави Салија Бекир Халим.
Таа порача дека четворицата гинеколози кои доаѓаат од гинекологија Чаир и ординираат во среда до 14 часот не можат да го решат нивниот проблем бидејќи не можат да издаваат рецепти, упати и не можат да ја следат нивната бременост.




