На истекот на третиот месец, од притворот на претседавачот на Советот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ, пред Основниот суд 1 во Скопје се собра група членови на СДСМ и граѓани, за да го искажат своето незадоволство, од како што велат, неоправданата одлука Шиповиќ да се држи во притвор.

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски рече дека тоа што се пред судот не значи мешање во работата на судството, но рече, во зградата е истражниот судија кој носи одлука за неоснованиот притвор на Шиповиќ.

„Истрагата заврши, нема опасност од влијание на сведоците и повторување на делото, а уште помалку опасност Шиповиќ да побегне, бидејќи сам доброволно се врати.

– Не постои ниту еден елемент за продолжување на притворот. Затоа бараме да се укине притворот и Шиповиќ да се брани од слобода. Со ова ќе може да присуствува на седниците на советот.

– Јасно е дека политиката вмеша прсти и не се почитува волјата на жителите на Центар“, изјави градоначалникот на општина Центар, Жерновски.

Посочи дека со притворањето на Шиповиќ, односот на силите во советот е изедначен и не може да се реализираат изборните ветувања.

Како пример Жерновски го посочи неизгласувањето на одлуката за земање на градежното земјиште, со што на владата повторно и се отвори простор да распише лицитација за едно од најатрактивните слободни парцели во Центар.

„Апелирам да се укине притворот на Шиповиќ за да може и општината нормално да функционира“, изјави Жерновски.