Жерновски до Груевски: Дали знаевте за криминалот во “Скопје 2014“?
Петти ден молк од премиерот Никола Груевски за криминалот во проектот чиј идеен творец е токму тој, стои во отвореното писмо кое градоначалникот Андреј Жерновски му го упати на премиерот Никола Груевски.
– Господине Груевски, не се кријте зад крајно неинвентивните реакции на ВМРО-ДПМНЕ. Излезете јавно и кажете дали, по аргументираните докази од ревизијата , има или не криминал во проектот „Скопје 2014 и дали Вие знаевте за тоа? Дали и за Вас, како за партијата чиј лидер сте, милионите евра злоупотребени пари, и тоа само за штетните договори за лиење и мермер за 11 споменици, се „само“ 8 милиони и се мала и багателна сума?
– Пет дена молк и од министерката за култура, преку чие министерство се префрлаа парите и хонорарите за спомениците.
– Госпоѓо Канческа Милевска, не знаевте и Вие или намерно ја заобиколивте вистината кога по изборите излеговте на прес-конференција и проектот „Скопје 2014“ се обидовте да го продадете како патриотска и чесна приказна?
– Со молчење се брани и скулпторка Валентина Стевановска, која никако да одговори дали потписот што стои во договорот за изработка на „Воинот“ е нејзин или не? Ако тврди дека е најчиста и дека не земала толкави хонорари, а за „Воинот“ и „Воинот на коњ“ на име на авторски договор има добиено повеќе од два милиони евра, нeка излезе и каже кој во нејзино име ги земал тие пари?
– Јавноста со право, но и со огромно нетрпение, ги очекува одговорите, напишал Жерновски во отвореното писмо до Груевски и Канческа Милевска.




