– Министерката Јанкулоска самата кажува дека е менаџер на целиот процес и го раководи во позадина. Уште еднаш порачуваме дека за овие 2 години таа можеше како министер да го документира настанот и да го достави до ЈО. Ова повлекува кривична одговорност и и порачуваме да се повлече достоинствено од функцијата министер за внатрешни работи, рече денеска градоначалникот на Центар Андреј Жерновски, по вчерашните телефонски разговори од случајот со прислушувања, во кои помеѓу телефонските разговори на Јанкулоска и министерот за финансии се разговараше и на тема насилните протести врз општина Центар.
На 7.јуни, 2013-та, потсети Жерновски, пред општинските бараки активисти на ВМРО – ДПМНЕ, потпомогнати од партијата, а позади маската на таканаречената невладина организација Веритас, ги демолираа бараките на општината и повредија советник.
– И тогаш тврдевме дека позади настаните стои Груевски и ВМРО – ДПМНЕ кои сеуште не можат да се помират дека ја загубија општина Центар. Полицијата не само што не не’ штити нас како избрани советници и градоначалник, туку директно ги поддржува насилниците кои дивееја. И тогаш изразивме сомнеж дека ќе бидат откриени сторителите. Фрапантно е што лично Јанкулоска свесно дозволила насилие во општина Центар. Нечовечки дозволила да биде повреден советник и лично е одговорна за деградирање на градоначалникот и советниците, рече Жерновски.
Според него, да не била реакцијата од Брисел, настанот ќе завршел со несогледливи последици.
Жерновски му се заблагодари на евроамбасадорот Аиво Орав, на амбасадорката на Кралството Холандија, Мариет Шурман, амбасадорот на Италија, Ернесто Белели, амбасадорот на ОБСЕ, Ралф Брехт, кои со брзата реакција спречиле немилите настани да имаат потешки последици.
*Разговорот Јанкулоска-Ставрески во кој се спомнува случајот со Центар




