Градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски на Фејсбук и Општина Центар преку соопштение ги коментираат реакциите за Законот за кучиња, кој доведе до бурни реакции на социјалните мрежи, но и остар протест од страна на невладината Анима Мунди.
Соопштението на Општина Центар е идентично со реакцијата на Жерновски на ФБ:
-Веќе стана пракса, власта кога сака да прикрие нешто да измислува случаи таму каде што ги нема.
Во безидејноста и немоќта како да се покрие интервенцијата и полициската опсада пред Бристол, дел од владините медиуми се обидоа едногласно донесената Одлука на Советот на општина Центар, за која гласаа и сите советници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, да ја претстават како „геноцид“ врз животните.
За Сител телевизија, вест не беше интервенцијата на 200 полицајци врз 10-тината паркобрани и апсењето на советник и директор на јавно претпријатие, но затоа синоќа ударна вест беше лошо срочениот спин и невистината информација, дека наводно општина Центар не дозволува на нејзина територија да се чуваат “кучиња кои лаат”.
Доколку како телевизија со национална фрекфенција навистина сакаат објективно да информираат, можеа да ги прегледаат законите или да се јават кај надлежните во општината за став.
Општина Центар во случајов, само постапи според Записникот од Државен инспекторат, во кој се наложува и општина Центар, како и сите општини во Република Македонија да донесат одлуки за имплементација на Законот за комунални дејности.
Никаде во одлуката не стои дека се забранува чување на кучиња кои лаат, туку само се спроведува Законот , кој важи за цела територија на Република Македонија и само ги внесува условите за чување животни и миленичиња, како и за сушење на алишта, како што пропишал законодавецот.
Еве што е предвидено во одлуката а што е во согласност со европските практики:
„Сопствениците се должни кучињата да ги чуваат во своите дворови, а надвор може да се изнесат само со корпа на устата и подводник. Изметот од кучињата сопственикот е должен да го собере во кеса и да ги остави во корпи наменети за таа цел. Сопствениците на ловечки кучиња, пак, се должни да ги држат врзани кога минуваат низ територијата на Центар“, напиша Жерновски на ФБ.




