Општина Центар испрати соопштение за ситуацијата на група вработени кои останале без работно место.
Од денеска уште една група вработени преку Агенцијата за времени вработувања останува без работа и тоа само, како што велат од општина Центар, поради притисоците, заканите и желбата општината за која Владата се уште не може да преболи дека доби црвен картон од граѓаните, да не може нормално да функционира.
Невработени остануваат економисти, правници и магистри, архитекти и градежни инженери, геодети и социјални работници.
“На улица остануваат оние луѓе со кои успеавме во изминатите 8 месеци долгот наследен од претходното раководство да го намалиме за 63,3 %, со кои двојно се зголеми бројот на решените предмети за легализација за разлика од претходниот период“, рече Жерновски.
ВМРО – ДПМНЕ веќе седма година може да вработува кого сака и колку сака, а не дозволуваат во општина Центар друг да се вработи. Кабинетот, рече Жерновски, е комплетно на улица и неколку раководители на сектори не можат да си ги извршуваат дневните задачи.
“Не се откажуваме. Ќе обезбедиме простор за сите. Не може пораката која ја испраќа власта со ова да биде дека работа во државната администрација има само за членовите на ВМРО – ДПМНЕ“, изјави Жерновски.
Еден од оние што остана без работа е и Емил Лазаревски, кој праша дали единствен критериум за вработување во државата е само партиската книшка на ВМРО-ДПМНЕ?
“Парадоксално е Владата на РМ да си дозволи да вработи 1600 шумари, 400 полицајци, 300 педагози и психолози, а преку разни притисоци на централната власт да не дозволува вработување на 40тина општински работници во Центар, клучни за нормално функционирање на општината.
Во контекст на настанатата ситуација во Центар, потценувачки делуваат секојдневните настапи на министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, кои укажуваат на нови мерки за подобрување на состојбата на невработените, како и наводното секојдневно отварање на нови работни места“, рече Лазаревски.
Лазаревски потенцираше дека нема да потклекнат под било кој притисок од било која власт, напротив, дека остануваат тука и продолжуваат со секојдневната борба за остварување на правата во Македонија, се вели соопштението на Општина Центар.




