Реакциите на ВМРО ДПМНЕ, фрапантните податоци за криминални тендери, немањето контра-аргументи се само уште едно признание од нивна страна дека се фатени на дело за криминал во проектот Скопје 2014, реагира градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.
– Верувале или не , во ова време-невреме на сиромаштија, за ВМРО-ДПМНЕ 8.000.000 евра се мала и багателна сума. Лесно им е на ВМРО-ДПМНЕ да се расфрлаат со милионски суми, бидејќи парите не ги даваат од свој џеб, туку ги земаат од граѓаните по основ на даноци, драконски казни и огромни внатрешни и надворешни задолжувања, вели Жерновски.
Тој потенцира дека фаворизирањета на двете омилени италијански фирми од ист газда се школски пример за незаконско работење, и обвини дека штетата за Скопје 2014“ е драстично поголема.
„На ВМРО – ДПМНЕ им е сосема јасно дека нивните „само“ 8.000.000 евра се штета направена само по основ на склучување на незаконски договори и тоа само за лиење на наведените 11 споменици. Штетата и чинењето на проектот е драстично поголема“, реагира Жерновски.
Градоначалникот на Центар нагласи дека најскапиот дел од проектот „Скопје 2014“ се зградите на судовите, музеите, театрите, институциите, и дека градењето на овие објекти не одело преку општина Центар и затоа тој сегмент не можел да биде дел од ревизијата.
Целиот криминал и целосната сума и која граѓаните ја платија за проектот „Скопје 2014“, вели Андреј Жерновски, ќе се дознае само по промената на центаралната власт.
Од општина Центар очекуваат дел од криминалот да биде нотиран и во извештајот на Државниот завод за ревизија кој го испитуваше финансиското работење за 2012-та година во општина Центар.




