Градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски, на улицата каде што Град Скопје започна со уништувањето на општинските паркинзи изјави дека досега имал не добри, не одлични, туку коректни односи со градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски. Но, посочи, нема да дозволи да се работи на штета на општината и на граѓаните.
„Сторивме се за да ја избегнеме војната, која се очекуваше. Направив се затоа што војната можеше да се избегне и можевме да се договориме“, изјави Жерновски.
Жерновски нагласи дека ќе ги брани законите во Град Скопје и во Република Македонија.
„Нема да дозволам владини и партиски интереси да владеат со општината, туку само законите“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски.
Нагласи дека без градежна дозвола Град Скопје стопанисува со паркинзите кои што се на територија на Општина Центар и затоа, рече, тоа се дивоградби. Овластениот инспектор од Општина Центар веќе ја побара целосната документација од Град Скопје во врска со овие улици.
„Крајно време е Град Скопје да каже колкави се комуналните такси за 2012 и дел од 2013 кои градот Скопје не сака да ги уплати на сметка на Општина Центар. Се надевам дека ќе преовлада разумот, но нема да потклекнеме. Јас ја прашав пред малку овластената инспекторка од Град Скопје зошто не го организирале паркирањето во изминативе 4 години, но не добив одговор“, рече Жерновски.
Град Скопје, рече на прес конференција директорот на Паркинзи на Општина Центар, Саша Богдановиќ, започна со уништување на вертикалната и хоризонталната сигнализација, но тоа не го прави на паркинзите со кои што стопанисува Градски Паркинг.
„Цел е да се нанесе штета на јавното претпријатие Паркинзи Центар и да се направат проблеми за граѓаните. Имаме доставено проект и до МВР и до Град Скопје, но немаме добиено одобрение за зонско улично паркирање. Инспекциските служби постапуваат селективно само на оние улици каде ПОЦ го организира паркирањето“, изјави директорот Богдановиќ.
Посочи дека сега за сега ова се прави во Дебар Маало, но најверојатно ќе се случува на сите улици и области каде е надлежен ПОЦ. Сега паркираните возила, посочи, може да се случи да бидат подигнати од пајак службата на Градски Паркинг.



