За ова урбано зло некој треба да одговара – велат револтираните жители на скопско Водно. Бараат одговорност и за вмешаните прсти на како што велат – моќници во државата за грдосиите од наводни “семејни куќи“ со по 36 стана во една “семејна куќа“.
„Секој момент при првиот посилен дожд може да се излизга земјиштето бидејќи природата не може да го издржи ова урбано насилство. Сите овие неплански и несеизмички изградени куќи можат да ни се струполат на глава, можат не дај Боже, да паднат врз градинката“, вака жителите на Водно ја објаснија алармантната состојба во населбата.
На градоначалникот на Центар Андреј Жерновски му посочија дека фекален отпад поради неизградена канализација им тече во домовите.
Сите се плашат да ги кажат јавно имињата на моќниците кои што го узурпирале просторот, уништувајќи го зеленилото и игралиштето кое што било нивна младост и историја.
.jpg)
„Аларова викнете ја, таа не’ осуди на ова зло, таа ги издаваше маркичките за градба!“ – велат жителите на Водно.
И да биде како во рубриката “Верувале или не“, патека која е исцртана во Деталниот Урбанистички План некој од силните, како што ги нарекуваат и луѓето од кои се плашиме, ја затворил пристапната патека, па така узурпирајќи земјиште им оневозможил децата да одат во училиште, а родителите на работа.
По полицискиот записник и заканите, вратата сеуште е заварена, а децата за училиште и градинка заобиколуваат по 2.5 километри.
Можноста од зарази, поткопување на потпорните ѕидови се секојдневната опасност која демнее врз Водно.
Градоначалникот Жерновски со своите соработници кој внимателно ги ислуша жителите, повтори дека ќе стави крај на урбаното дивеење на Водно, а рече и дека детално ќе ја разгледа моменталната загрижувачка состојба.




