ЗНМ, Здружението на новинарите на Македонија го повикува Уставниот суд да
им дозволи на новинарите да ја следат утрешната седница на која се
очекува да расправа за оценување на уставноста на одредени членови
од Законот за помилување.
Во своето соопштение, ЗНМ вели дека “одлуката јавноста да се исклучи од утрешната седница е во спротивност со Деловникот на Уставниот суд. Во членот 83 јасно е предвидено дека
работата на Уставниот суд е јавна”.
Според ЗНМ “ниту една причина за затворање на седницата за јавноста предвидено со
член 85 од Деловникот не е исполнета. Потсетуваме дека јавноста од
расправите, седниците и подготвителните седници на Уставен суд може
да се исклучи ако тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на
земјата, чувањето на државата, службената или деловната тајна, заштита
на јавниот морал, но и во други оправдани случаи што ги определува
Судот.
Во овој случај не е јасно која е причината за исклучување на јавноста од седницата,
кое е објаснувањето и кој ја донел ваквата одлука”, вели ЗНМ во својот повик до Уставниот суд.




