Здружението на новинари на Македонија изразува незадоволство што Владата го менува
Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги по скратена постапка и без никаква консултација со новинарите.
Еден од двата клучни закони за регулирање на медиумската сфера, кој беше изгласан пред само неколку месеци, сега повторно е во Собранието со измени и тоа по скратена постапка.
„Во ниту една демократска земја медиумските закони, не се носат без јавна расправа и без присуство на опозиција во парламентот, заради важната улога што ја имаат медиумите во секое демократско општество“, рече пред новинарите претседателот на ЗНМ Насер Селмани.
ЗНМ бара измените да се повлечат од собраниската процедура и да им се даде можност на новинарските и медиумските организации да се произнесат за нив.
Според предложение измени наместо два члена во Советот на МРТ да предлага мнозинското новинарско здружение на ЗНМ, сега еден од нив би предлагало и второто по големина здружение – МАН, поради што ЗНМ смета дека се минимизира неговата улога, на сметка на новото здружение МАН.
„Очигледно ние не им влегуваме во нивната шема, очигледно дека имаат симпатии за другото здружение и практично проблем им се нашите ставови, начинот на нашето делување и нашите политики“, рече Селмани.




