Здружението на новинарите на Македонија е шокирано од одлуката на Основниот суд во Скопје со која новинарот Томислав Кежаровски е осуден на четири и пол години затвор за објавување на текст со кој наводно бил откриен идентитетот на заштитен сведок.
-ЗНМ смета дека оваа одлука не го осуди само новинарот Кежаровски, туку е вперена против слободата на изразувањето и слободата на медиуми. Со тоа Македонија стана единствена земја во Југоисточна Европа со осдуен новинар заради напишан текст за злоупотреба на институтот заштитен сведок.
Судот место да го заштити јавниот интерес, застана на страната на злоупотребата, која после ова пресуда доби и судска заштита. Пораката е многу застрашувачка, секој новинар што во иднина ќе открие злоуптреба на власта, ќе заврши во затвор. Ваквото заплашување нема да успее затоа што секој добар новинар во Македонија би го направил тоа што го направи Кежаровски. Сите ние сме Кежаровски.
Убедени сме дека одлуката е во спротивност со судската пракса на Европскиот суд за човекови порава во Стразбур, кое македонското судство е обврзано да го почитуваат затоа што Македонија е потписничка на Европската конвенција. Евидентно е дека судот не направи обид да го примени тестот на пропорциолналност. Кога се одлучува за предмети поврзани со слободата на изразувањето треба да се направи баланс и освен правната регулатива да го земе и во предвид правото на јавноста да знае за злоупотребите на власта, што претставува највисок јавен интерес .
Ваквата одлука на судот не може да се смета за неопходна во демократско општество затоа што не може да има поголем интерес од правото на јавноста да знае за злоупотребите на власта.
Пресудата ќе биде обжалена и се надеваме дека Апелацискиот суд ќе има поголемо разбирање за слободата на изразувањето и заштитата на јавниот интерес, изјави денеска претседателот Насер Селмани.




