Здружението на новинарите на Македонија ја поздравува одлуката на Основниот суд Скопје 1 да именува на нов портпарол по двете скандалозни соопштенија на канцеларијата за јавност и по протекувањето на доказен материјал од предметот на новинарот Томислав Кежаровски на уште не напишана пресуда, се вели во соопштението на ЗНМ.
Стана јасно дека со соопштенија потпишани од канцеларијата за јавност не може да се брани пресуда која не е правосилна и подложна на ревизија во понатамошната судска постапка пред повисоките судски инстанции. Со прејудицирање на вината судот директно го прекрши начелото за пресумпција на невиност.
Судот не смее кога да се крие зад канцеларијата за јавност кога полемизира во јавноста. Во соопштенијата не беше нејасно кој говори, Претседателот на судот, судијката што го води предметот „Ликвидација“ или тоа е став на сите судии од Основниот суд Скопје 1.
Чудно е што судот се почувствува повикан да одговори на јавните критики во јавноста кога тие беа насочени конкретно кон судијката што го осуди новинарот Томислав Кежаровски на четири и пол години затвор за откривање идентитет на заштитен сведок во текст објавен пред пет години.
Критичното набљудување на работењето на власта вклучувајќи и судската не може да се смета како мешање во независноста на институциите туку тоа е основна обврска на новинарството.
Новинарите во нивните извештаи не полемизираа со целото судство, туку пренесуваа изјави од правни експерти и ставови од домашни и меѓународни организации, кои изразуваа загриженост дека при донесувањето на одлуката не е водена сметка за судската пракса на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Не треба да сте правен експерт да разберете дека Кежаровски е единствениот новинар во Европа осуден на казна затвор за откривање на идентитет на заштитен сведок. Судската пракса од Европскиот суд за човекови права во Стразбур покажува дека максималната изречена казна за ова дело е условна казна затвор.
Судовите во Македонија судат врз основа на Уставот и законите и меѓунатодните договори ратификувани во согласност со Уставот. Според тоа судовите треба да ја почитуваат Европската конвенција за човекови права која е ратификувана уште во 1997 година. Судот во Стразбур применувајќи ја Конвенцијата, кога одлучува за предмети поврзани со слободата на изразување секогаш води сметка за јавниот интерес и внимава казните да бидат пропорционални, се вели во соопштението на ЗНМ.




