Адвокатот на Божиновски, како што изјавила портпаролката на Судот во Нови Сад, Светлана Томиќ за Прес 24 вложил жалба на одлуката на Вишиот Суд во Нови Сад наредните 40 дена да ги помине во екстрадиционен притвор.
Вчера во 20.00 часот Зоран Божиновски, сопственикот на порталот „Буревесник“ бил приведен во Нови Сад по налог и потерница распишана од Интерпол со обвинување за злосторничко здружување и шпионажа, изјави за НОВА, Светлана Томиќ Јокиќ портпарол на Вишиот суд на Нови Сад.
Според неа, истражниот судија на полноќ го сослушал Божиновски и му одредил екстрадиционен притвор во траење од 30 дена.
Сега Вишиот суд во Нови Сад очекува во законски предвидениот рок од 18 дена, македонските власти да му достават барање за екстрадиција.
Според првичните информации на полицијата, Божиновски престојувал во еден или два стана во Нови Сад. Засега полицијата нема информации дека Божиновски има двојно државјанство и дека се бара за извршување на други кривични дела во Србија, ако има некои правни пречки за екстрадиција за тоа треба да биде известено Министерството за правда.
Од МВР не можат да кажат кога очекуваат да заврши екстрадиционата постапка бидејќи тоа не зависи само од нив, туку и од Министерството за правда, судовите во Србија и Македонија.
Министерството за правда денеска добило соодветна документација од МВР и постапката за екстрадиција веќе е во тек, изјави за НОВА портпаролката на Министерство за правда, Мирјана Илиева.
Министерството за правда се уште не добило одговор од официјална Прага за барањето на екстрадиција за Борислав Перков, 52- годишниот Велешанец кој е во бегство, осомничен за злосторничко здружување во аферата Шпион. Ова барање било испратено веднаш по серијата апсења во Шпион , изјави Илиева.
Министерството ја приложило сета потребна судска документација до чешките институции неколку дена по операцијата Шпион, во која беа уапсени 17, а обвинети 20 лица, и според процедурата, чешкиот суд требаше да донесе одлука дали ќе постапи по барањето за екстрадиција во Македонија или ќе му биде одреден екстрадиционен притвор.




