Заврши распитот на Зоран Милевски Кичеец во Кривичниот суд и тој е спроведен во истражниот затвор во Шутка. Тој денеска беше приведен во еден скопски ресторан.
Кичеец е второосомничен во случајот во кој Бојан Јовановски познат како Боки 13 се товари за рекет од 1.5 милиони евра изнудени од познат скопски бизнисмен.
Јавното обвинителство отвора истрага против Бојан Јовановски познат како Боки 13 и Зоран Милески познат како Зоки Кичеец, за примање награда за противправно влијание и за перење пари. За двајцата се бара притвор.
Обвинителството водело предистрага за овие две лица од 2 мај годинава, а прибраните вербални и материјални докази веќе се основ за да се поведе истрага – рекоа на прес конференција во Јавното обвинителство. Случајот во обвинителство го пријавило лице кое сега е сведок во постапката.
Првоосомничениот Бојан Јовановски од ноември 2018 до април 2019 искористувајќи го своето влијание врз јавен обвинител ветувал дека ќе запре истражна постапка која се водела против сведокот. Двајцата осомничени неколкупати се сретнувале со сведокот во неговиот дом и во домот на првоосомничениот, а контакти имало и преку сопругата на сведокот.




