Иако Трамп го нема, спотот започнува со говор на американскиот актер и комичар Роб Шнајдер, кој на изборите во САД во 2024 година прво го поддржа Роберт Кенеди Џуниор, сега министер за здравство, а потоа и кандидатот на републиканците, Доналд Трамп.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан пред еден месец на Конгресот на ВМРО – ДПМНЕ преку видео порака упати честитки за достигнувањата на партијата и порака „Бог да ги благослови македонските патриоти“. Сега, кога Орбан се спрема за парламентарните избори во Унгарија, премиерот Христијан Мицкоски не се најде меѓу десничарските лидери во спотчето со поддршка за Орбан и неговата партија „Фидес“.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ за „Слободен печат“ велат дека нивната поддршка за Унгарија се подразбирала и во одговорот суптилно порачуваат дека и други политичари како американскиот претседател Доналд Трамп го поддржувале Орбан, па ги немало во промотивниот спор.
– Ние сме во пријателски релации со премиерот на Унгарија и неговата партија и оттука нашата поддршка се подразбира. Неговата победа ја поддржа и американскиот претседател Доналд Трамп јавно и недвосмислено, а и многу други лидери. Нашите односи продолжуваат да се развиваат со меѓусебна почит и поддршка, и очекуваме нова победа на унгарскиот премиер Орбан која ќе даде нов импулс во регионот и односите и соработката меѓу нашите земји – велат од партијата за „Слободен печат“, но не прецизираат дали немало место за нив во спотот или доброволно одлучиле да не бидат дел од промотивниот спот на Орбан.
Во спотот за изборите, кои се распишани за 12 април, поддршка на Орбан му даваат премиерите на Италија, Чешка и Израел – Џорџа Мелони, Андреј Бабиш и Бенјамин Нетанјаху, кои најчесто се означуваат како десни популисти.
Меѓу политичарите, сепак, има и опозициски лидери од крајната десница во Германија, Франција, Шпанија и Австрија – копретседателката на Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел, лидерка на Националното собрание во францускиот парламент Марин Ле Пен, како и претседателите на шпанската партија Вокс и Слободољубивата партија на Австрија, Сантијаго Абаскал Конде и Херберт Кикл.
Во промотивниот спот на партијата Фидес на Орбан се појавуваат и десничарскиот претседател на Аргентина, Хавиер Милеј, заменик-премиерот на Италија Матео Салвини, кој е и лидер на националистичката партија Лига, како и поранешниот полски премиер Матеуш Моравјецки, кој сега е претседател на паневропската Партија на европски конзервативци и реформисти.
Иако Трамп го нема, спотот започнува со говор на американскиот актер и комичар Роб Шнајдер, кој на изборите во САД во 2024 година прво го поддржа Роберт Кенеди Џуниор, сега министер за здравство, а потоа и кандидатот на републиканците, Доналд Трамп.
Вучиќ во спотот вели: „Се надевам дека наредните избори ќе значат многу за сите нас, што значи дека ќе бидеме сведоци на уште една победа на Фидес“.
Нетанјаху вели дека, според него, Орбан ја има мудроста да ја заштити својата земја.
Претседателот на Унгарија, Тамаш Шујок, денеска објави дека парламентарните избори ќе се одржат на 12 април.
Орбан пак во видео – пораката на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ преку видео пораки упатија честитки за достигнувањата на партијата кои ги имала во последните две години и притоа укажуваат на победите на парламентарните, претседателските и локалните избори.
– Им честитам на сите членови и активисти на ВМРО-ДПМНЕ за навистина неверојатните достигнувања што ги постигнавте во изминатите две години. Убедлива победа на парламентарните, локалните и претседателските избори. Исто така, ја поставивте вашата татковина на патот на стабилен, предвидлив и безбеден развој. По долги години опозиција, ВМРО сега стана една од, или можеби најуспешните, политички сили во Европа. Нема подобра препорака од самиот успех. Ви благодарам за можноста да соработувам со вашиот претседател Христијан Мицкоски, и ви препорачувам да продолжите да го поддржувате со вашата доверба кон него. Продолжете по патот на успехот. Ви посакувам многу успех во владините задачи што претстојат. Бог да ги благослови македонските патриоти – вели Орбан.
Мицкоски неколкупати имаше официјални средби со унгарскиот премиер Орбан во Будимпешта, каде се потврдувале „одлични и пријателски односи“ помеѓу партиите. Владата зеде 500 илјади евра кредит од Унгарија. Поранешниот премиер пак и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски често се огласува на социјалните мрежи од Будимпешта каде доби азил, а истражните органи никогаш не утврдија како избега таму, непосредно откако беше правосилно осуден.
За првпат од враќањето на власт во 2010 година, Орбан се соочува со силен противник – Петер Маѓар, чија конзервативна Партија на почитта и слободата (ТИСА) има предност пред Фидес според повеќето анкети.
Маѓар, поранешен долгогодишен член на Фидес на Орбан (2002–2024), ветува зајакнување на независноста на судството, борба против корупцијата и нудење јасна алтернатива за гласачите на актуелната власт.
Текстот е сопственост на Слободен печат.мк




