Од:

Донаторите на ВМРО-ДПМНЕ протестираат во Охрид додека СЈО ги испрашува

Стотина членови на ВМРО-ДПМНЕ излегоа на протест пред полициската станица во Охрид со цел да го искажат револтот што биле повикани на разговор од Специјалното јавно обвинителство. Тие велат дека не го признаваат СЈО и дека обвинителството работело за СДСМ.

Членови на партијата наведуваат дека во поканите кои СЈО ги има испратено до нив пишува дека е оформен предмет за донациите во ВМРО-ДПМНЕ, поради што треба да дадат изјава, а доколку тоа не го направат ќе бидат приведени со полициска придружба.

Од СЈО засега не ја потврдуваат информацијата, иако членови на ВМРО-ДПМНЕ самите обелоденија дека истражителите на Катица Јанева уште од октомври почнале да ги повикуваат на разговор во СЈО и ги испрашувале како и кога ги донирале парите во партијата.

НОВАТВ од Државниот завод за ревизија ги доби списоците со сите донатори на ВМРО-ДПМНЕ и во мај минатата година објави истражување за донациите во текот на 2015 година и како партијата на Груевски успеала да собере 1,5 милиони евра.

Сторија на НОВАТВ (мај 2016)

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ во 2015 собрала најмногу донации на својата сметка или речиси 1,5 милиони евра, открива НОВАТВ со помош на документите кои ги добивме од Државниот завод за ревизија користејќи се со правото на слободен пристап до информации. Сите донации на владејачката партија се од физички лица, со исклучок на две правни лица. Во листата на донатори не можевме да го најдеме премиерот, ниту пак клучните лица од раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

За оваа партија во 2015 донирале вкупно 3,675 физички лица и две фирми. Најголемиот дел од парите, или 73 проценти од вкупните донации биле дадени во само 12 дена.

Од тие 12 дена, најголемиот број донации биле извршени од 14 до 16 јули или речиси 40 проценти од донациите биле дадени во само три дена.

Најсреќен ден за контото на ВМРО-ДПМНЕ бил 15 јули 2015 година, кога 791 донатор здружено донирале 291 илјада евра. Речиси две третини од донаторите на овој ден или 462 лица дале по точно 20,000 денари, а 69 лица дале по 50,000 денари.

Кој е профилот на просечниот донатор на ВМРО-ДПМНЕ

Профилот на просечниот донатор на оваа партија би можел да се објасни со неколку зборови: административец од низок партиски профил вработен во времето на оваа власт и активен во партиските работи од организирање протести до собирање списоци за гласачи.

Фиктивни донатори

Списокот со донациите на ВМРО ДПМНЕ е доставен во Државниот завод за ревизија на почетокот на 2015. Истиот содржи имиња и презимиња и датум на којшто е направена донацијата, но нема податоци за начинот на којшто се уплатени средствата ниту пак било какви прилози како банкарски изводи. За веродостојноста на доставениот извештај за донации со својот потпис гарантирал актуелниот премиер и државен секретар на ВМРО ДПМНЕ Емил Димитриев.

Поранешниот пратеник и екс директор на Универзитетската клиника за токсикологија Андон Чибишев според доставениот извештај до ревизорите донирал 60,000 денари. Во разговор со НОВАТВ тој тврдеше дека не дал пари за ВМРО ДПМНЕ.

„Последен пат донирав во 2011 година“, рече Чибишев.

Но, потоа тој се предомисли и се сети дека сепак од својот џеб одвоил пари за партијата.

И неговиот колега, абдоменалниот хирург во Градската болница во Скопје и советник во општина Кисела Вода Никола Груев беше изненаден дека неговото име е наведено во листата на донатори со сума од 40,000 денари.

„Тоа се многу пари, не можам да заборавам дека сум дал толку пари. По вашето јавување за секој случај ги проверив моите трансакции од 2015 година и можат да ви потврдат дека пари за партијата не сум дал. Јас донирам само во изборни години. Во такви години пари сум дал два пати – еднаш 15 илјади денари, а еднаш 7 илјади“, рече Груев.

Но, и тој дури после 24 часа, си го врати сеќавањето и тврдеше дека донацијата е вистинска.

Изненадена беше и актерката Арна Шијак Дамовска, која што за разлика од Чибишев и Груев не е член на ВМРО ДПМНЕ. Таа во списокот е наведена како донатор на 60,000 денари.

„Ова е сериозна работа, не се ова мали пари па јас да не се сеќавам, ниту сум член на партија, ниту било кога сум донирала“, рече Шијак.

Единствено таа остана на првичната изјава дека не донирала пари во ВМРО-ДПМНЕ.

Скромна плата, дарежливо срце

На списокот на донатори се наоѓаат директори, актери, воспитувачки, учителки, градоналници, советници, нижи службеници во јавната и државна администрација, но изостануваат високите партиски функционери. Ќесето не го одврзал лидерот на партијата Никола Груевски, но затоа во ист ден половина од вработените во основното училиште „Гоце Делчев“ во Неготино донирале по 20,000 денари.

Не донирале министрите, но донирале лица како извесен Јанко Бацарија, вработен на позицијата виш соработник во општината Кисела Вода. Се вработил кон крајот на март 2015 година, а на 22 април донирал 20,000 денари.

Во март се вработил, во април донирал 20 000 денари

Како Јанко Бацарија кој уште не се израдувал на првата плата, а донирал, има уште многу лица на списокот донатори. Во еден ден цела администрација во оваа скопска општина, без градоначалничката Билјана Беличанец Алексиќ, се упатиле кон партијата за да одвојат кој колку може и да го потпомогнат ВМРО-ДПМНЕ. Советникот Филип Камчев донирал 20 000 денари, а неговите колеги Кирју Николовски и Димитар Селев донирале цела плата од 20 000 денари. Раководителите биле подарежливи. Тони Чупоски и Сашка Аџулеска од домашниот буџет си скусиле по 30 000 денари и ги подариле на ВМРО-ДПМНЕ.

Александар Бурековиќ, вработен во општина Карпош, според списокот донирал 45,000 денари. Тој за НОВАТВ рече дека не сакал да разговара на таа тема и дека немал да потврдува ништо.

Она што е интересно е дека директорите од сите градови во земјата донирале по групи по градови во исти денови. Директорката на Здравствен дом Скопје Татјана Баевска Вучковиќ и директорот на ЈЗУ Институт за белодробни заболувања Оливер Зафировски во ист ден донирале по 60 000 денари.

„Ниту ви потврдувам, ниту ви негирам. Има официјален документ за тоа“, рече Баевска Вучковиќ за НОВАТВ.

Зафировски, пак, рече дека ќе ја контактира редакцијата на НОВАТВ, но никогаш не се јави.



Comments are closed.