Од:

Донации во ВМРО ДПМНЕ: Фиктивни донатори и сиромашни службеници

Од Сашка Цветковска и Маја Јовановска

Пратеникот Андон Чибишев, актерката Арна Шијак, хирургот Никола Груев, актерот и директор на Драмски театар Роберт Вељановски се дел од лицата кои се најдоа на списокот донатори на ВМРО ДПМНЕ со суми од 1,000 евра, но сите тројца велат дека во 2015 никој од нив не дал пари за партијата.

Минатиот 14 јули ќе остане запаметен по целодневните мачни и тензични преговори помеѓу лидерите на ВМРО ДПМНЕ , СДСМ, ДУИ и ДПА во резиденцијата на евроамбасадорот Аиво Орав. Ноќта помеѓу 14 и 15 четворицата конечно го потпишаа Пржинскиот договор.
Додека во Пржино се решаваше политичката криза, низ Македонија се полнеше партиското конто. На 14 јули, без исклучок, сите директори на јавни и државни институции, училишта и јавни претпријатија од градот Штип донирале од 500 до 700 евра за ВМРО ДПМНЕ.
Ако се погледнат списоците на донатори на Државниот завод за ревизија коишто НОВАТВ го доби согласно Законот за слободен пристап до информации, на 14 и 15 јули 1100 лица донирале 40 проценти од вкупната донирана сума од 1,5 милиони евра.

Во првиот дел од истражувањето НОВАТВ објави колку средства легнале на партиските сметки, а денеска ги истражуваме донаторите на најголемата, а судејќи по донациите и имотот, и најбогатата политичка партија – владејачката ВМРО ДПМНЕ.
Просечна македонска плата, вработен во државна или јавна служба – ова е профилот на просечниот донатор на владејачката партија. Дел од донаторите ги потврдуваат донациите, некои ги негираат, а повеќето воопшто не сакаат да разговараат со новинарите на таа тема.

Фиктивни донатори

Списокот со донациите на ВМРО ДПМНЕ е доставен во Државниот завод за ревизија на почетокот на оваа година. Истиот содржи имиња и презимиња и датум на којшто е направена донацијата, но нема податоци за начинот на којшто се уплатени средствата ниту пак било какви прилози како банкарски изводи. За веродостојноста на доставениот извештај за донации со својот потпис гарантира актуелниот премиер и државен секретар на ВМРО ДПМНЕ Емил Димитриев.

Актуелниот пратеник и поранешниот директор на Универзитетската клиника за токсикологија Андон Чибишев според доставениот извештај до ревизорите минатата година донирал 60,000 денари. Во разговор со НОВАТВ тој тврди дека лани не дал пари за ВМРО ДПМНЕ.

„Последен пат донирав во 2011 година“, рече Чибишев.

И неговиот колега, абдоменалниот хирург во Градската болница во Скопје и советник во општина Кисела Вода Никола Груев беше изненаден дека неговото име е наведено во листата на донатори со сума од 40,000 денари.

„Тоа се многу пари, не можам да заборавам дека сум дал толку пари. По вашето јавување за секој случај ги проверив моите трансакции од 2015 година и можат да ви потврдат дека пари за партијата не сум дал. Јас донирам само во изборни години. Во такви години пари сум дал два пати – еднаш 15 илјади денари, а еднаш 7 илјади“, рече Груев.

Изненадена беше и актерката Арна Шијак Дамовска, која што за разлика од Чибишев и Груев не е член на ВМРО ДПМНЕ. Таа во списокот е наведена како донатор на 60,000 денари.

„Ова е сериозна работа, не се ова мали пари па јас да не се сеќавам, ниту сум член на партија, ниту било кога сум донирала“, вели Шијак.

Лице со исто име како нејзиниот колега, актерот Роберт Вељановски и актуелен директор на Драмски театар – Скопје во списокот наведен со донација од 60,000 денари. На тој датум освен Вељановски донирале поголема група скопски директори на културно-уметнички и образовни институции. Вељановски беше шокиран од овој податок.

„Не сум дал пари и остро демантирам. Единствената моја донација во 2015 е за хуманитарни цели, изнесува 3,000 денари и не е поврзана со никаква партија“, вели тој.

Скромна плата, дарежливо срце

Списокот на донатори содржи 3,675 физички лица и само две фирми со помали донации. На истиот се наоѓаат директори, актери, воспитувачки, учителки, градоналници, советници, нижи службеници во јавната и државна администрација, но изостануваат високите партиски функционери. Ќесето не го одврзал лидерот на партијата Никола Груевски, но затоа во ист ден половина од вработените во основното училиште „Гоце Делчев“ во Неготино донирале по 20,000 денари.

Не донирале министрите, но донирале лица како извесен Јанко Бацарија, вработен на позицијата виш соработник во општината Кисела Вода. Се вработил кон крајот на март 2015 година, а на 22 април донирал 20,000 денари.
Во март се вработил, во април донирал 20 000 денари

Како Јанко Бацарија кој уште не се израдувал на првата плата, а донирал, има уште многу лица на списокот донатори. Во еден ден цела администрација во оваа скопска општина, без градоначалничката Билјана Беличанец Алексиќ, се упатиле кон партијата за да одвојат кој колку може и да го потпомогнат ВМРО-ДПМНЕ. Советникот Филип Камчев донирал 20 000 денари, а неговите колеги Кирју Николовски и Димитар Селев донирале цела плата од 20 000 денари. Раководителите биле подарежливи. Тони Чупоски и Сашка Аџулеска од домашниот буџет си скусиле по 30 000 денари и ги подариле на ВМРО-ДПМНЕ.

Александар Бурековиќ, вработен во општина Карпош, според списокот донирал 45,000 денари. Тој за НОВАТВ рече дека не сакал да разговара на таа тема и дека немал да потврдува ништо.

Она што е интересно е дека директорите од сите градови во земјата донирале по групи по градови во исти денови. Директорката на Здравствен дом Скопје Татјана Баевска Вучковиќ и директорот на ЈЗУ Институт за белодробни заболувања Оливер Зафировски во ист ден донирале по 60 000 денари.

„Ниту ви потврдувам, ниту ви негирам. Има официјален документ за тоа“, рече Баевска Вучковиќ за НОВАТВ.
Зафировски, пак, рече дека ќе ја контактира редакцијата на НОВАТВ откако ќе заврши со прегледите, но до објавувањето на овој текст не се јави.

ПРОДОЛЖУВА



Comments are closed.