Од:

Нафтената платформа на Мијалкови расте со нови компании

Поранешниот владин службеник од кариера сега станува нафташ. Мрежата на неговиот нафтен бизнис ја чинат неговите деца како сопственици, нивните другари како директори и помошта од семејството на судијата Софија Лаличиќ.

Медиумите во моментов играат занемарлива улога во истражување и разоткривање на корупцијата и организираниот криминал, вака Европската комисија напиша во извештајот за напредок на Македонија за  2014 година. Ништо подобар не беше ниту извештајот од 2015  година кога Комисијата повторно констатираше дека и покрај очигледната висока корупција ниту органите на правдата ниту медиумите не се ангажирани да се справат со ова зло. Но објавувањето на бомбите и формирањето на СЈО ја донесе корупцијата под рефлекторот на јавноста. Беше тешко да се игнорираат очигледните злоупотреби, дотолку што дури и медиумската пропагандна машинерија беше цели две години анажирана да ја спинува истата. Но без разлика на се – корупцијата конечно стана главната тема во македонското општество.

Оваа сторија не е сторија за присуството на корупцијата во медиумите, туку за опасностите кои демнат едно општество секогаш кога истата ќе се тргне од очите на јавноста. Ова е приказна за тоа како додека земјата се труди да најде перспектива во едни мрачни политички времиња како тепањето на пратеници во парламентот одредени поединци кои акумулирале моќ работат на своите агенди да ја материјализираат таа моќ.

По нафатата и бензиските Мијалков ќе се бави и со транспорт

Ослободен од спрегите на државната функција која ја извршуваше десет години, а која ја обележаа и аферите со неговиот имот во Чешка, во ситуација во која во државата владее хаос, Мијалков го шири бизнисот со нафта. Документите од државните институции до коишто дојде НОВАТВ покажуваат дека семејството Мијалкови по стекнувањето лиценца за трговија со нафата отвориле нова фирма за транспорт.

Првиот чекор во нафтениот бизнис го направи  Јордан Мијалков, постар син на поранешниот разузнавач. Со дејност градежништво, фирмата „Бест веј инвестмент“ беше регистрирана во септември 2015 година, во време кога политичките партии договараа предвремени избори во Пржино. „Бест веј инвестмент“ нема никакви активности се до 5 јануари оваа година кога од Масар Омерагиќ за 5.000 евра ја купува фирмата „Омпетрол оил“, која веќе има лиценца за тргување со нафта и договор за закуп на подземен резервоар со „РТ Транслогистиг“ чиј сопственик е Сабета Омерагиѓ .  Инаку Масар Омерагиќ е роднина на судијката  Софија Лаличиќ чие име можевме да го слушнеме во бомбите. Во разговорот кој го презентираше тогашната опозиција, Мијалков на Лаличиќ и кажува дека е избрана за судијка во Кривичниот суд.

На 18 април оваа година, под назив „Друштво за транспорт, трговија и услуги Поинт оил петрол“ во Централен регистар е отворена фирма за транспорт и трговија со нафта. Сопственик на оваа компанија е „Макпоинт“ отворена во 1993 година, а нејзин сопственик е Сашо Мијалков.

„Поинт оил петрол“ е втората компанија од оваа дејност на семејството Мијалкови.  Регистрирана е со основна главнина од 203.500 евра и долго време беше неактивна. Работите почнаа да се менуваат кога Мијалков си даде оставка од позицијата директор на тајната полиција.

Со „Омпетрол оил“ се обезбедува резервоарот за складирање на нафтата, додека со компанијата „Поинт петрол оил“ се овозможува транспортот, додека пак со „Омпетрол оил“

Фирмите регистрирани на адреса на државна институција

Двете компании на семејството Мијалкови се регистрирани  во Дебар маало, на улица Орце Николов 71/1, на иста адреса со Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати и Агенцијата за стокови резерви.

НОВА ТВ преку сервисот за информации на телефонскиот број 188 се обиде да го добие телефонскиот број на фирмата регистрирана на оваа адреса. Од таму ни рекоа дека единствена регистрација на број има Агенцијата за стокови резерви, но сепак го побаравме бројот во случај да има настанато некаква грешка. Се јавивме на бројот кој ни го дадоа од информации и побаравме да не поврзат или со „Поинт оил петрол“ или пак со „Бес веј инвестмент“. Девојката која ни се јави на телефон, рече дека се јавуваме во Агенција за стокови резерви и дека такви фирми не постојат на таа адреса.

Другарите на младиот Мијалков управуваат со фирмите

На двете фирми чии сопственици се семејството Мијалкови, управители се другари на Јордан Мијалков. На фирмата „Поинт оил транспорт“, управител е Стефан Тодоровски, роден 1985 година, чие единствено вработување досега е во фирмата „Макпоинт“.

Директор на „Бест веј инвестмент“е 25 – годишниот Илија Тозија, кој приватно е пријател на Јордан Мијалков. Дел е од раководството на младите сили на ВМРО-ДПМНЕ, а членува и во Надзорниот одбор на Државната видео лотарија како претставник на капиталот на владата.

Јордан Мијалков десно и Илија Тозија лево

 

Од чиновник до нафташ

Како човек кој десет години бил државен службеник отвора нови и презема фирми за трговија нафта? Од каде доаѓаат парите за овој скап бизнис? Според истражувањето на OCCRP и НОВА ТВ направено пред неколку години, освен „тајните бизниси“ во Македонија, Мијалков во Прага поседува фирми, апартмани и недвижнини во вредност од најмалку два милиона евра, кои биле регистрирани на негово лично име, а тој не ги пријавил во имотниот лист додека бил државен службеник.

Антикорупциската комисија пред неколку години отвори и истрага за Мијалков и за неговиот имот. Мијалков требаше да одговори зошто не го пријавил имотот во Прага, иако тоа го наложуваат законите,  но тој никогаш не го направи тоа, а истрагата беше  затворена без разрешница. НОВА ТВ дознава дека СЈО моментално води предизстражна постапка за имотот и имтните листови на поранешниот разузнавач.

Експертите за антикорупција тогаш за НОВА ТВ ги именуваа како очигледен конфликт на интереси.

„Постои очигледна ситуација на непотизам. Тоа им овозможува да ги контролираат сите власти и преку буџетот и преку механизмите на тајната полиција“, вели Слаѓана Тасева, претседател на Транспарентност Интернешнл – Македонија и прв претседател на Антикорупциската комисија. „Овие врски се многу силни и со текот на времето генерираат огромна финансиска моќ – и за нив лично и за партијата на која припаѓаат. Тоа им дава комплетна моќ за да ги контролираат механизмите на демократијата“.

Моќниот Мијалков дел од најконтроверзните случаи на СЈО

Мијалков е еден од првите тројца осомничени во случајот „Трeзор“ на СЈО во кој се сомничи дека додека бил директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, заедно со Горан Грујовски, началник во УБК и Тони Јакимовски, шеф на кабинетот на директорот на УБК во 2010 година отпатувале во Лондон и договориле набавка на опрема за пресретнување на комуникациите и обука за користење на опремата за потребите на Петтата управа. Но, наместо набавката да оди директно преку Министерството, осомничените функционери ја вклучиле и компанијата „Финзи“ како застапник на МВР.

Мијалков на распит во СЈО

Според приложеното од Специјалното јавно обвинителство, „Финзи“, откако ја презела набавката во свои раце во договор со УБК и МВР, увозот на опремата го фактурирала по двојно поскапа цена. Набавката е направена во 2010 година, а „Финзи“ е формирана кон крајот на 2009 година. Легитимните дилеми кои ги отвори СЈО во истрагата се како „Финзи“, која во тоа време немала ниту еден вработен, а ниту пари за да ја набави опремата, била одбрана за партнер во МВР, но и зошто воопшто имало потреба од посредник во зделката. Не е јасно ниту каде завршиле парите со коишто е директно оштетен буџетот, а кои легнале на нивната сметка.

 



Comments are closed.