Емануел Макрон денеска го живее 100 ден како претседател на Франција. Младиот центрист на почетокот уживаше голема популарност, но работите, очигледно се менуваат.
Популарноста на Макрон во својата земја меѓу своите сограѓани полека опаѓа, главно поради неколку битни закони кои се имплементирани откако е избран.
Анкетите покажуваат дека 36 отсто од граѓаните гледаат кон Макрон благонаклоно. Колку за споредба, неговиот претходник Франсоа Оланд во истиот период имаше популарност повисока за 7 отсто.
-Макрон излегува од атмосферата на популарност и сега треба да преземе одговорност за својата политика, вели претседателот на Институтот за истражување Ифоп Жером Фуке.
Од почетокот на летото тој се соочува со пад на популарноста поради неможноста и натаму да ги спроведува реформите што ги вети во кампањата.
Политичките експерти тврдат дека се уште е рано за дефинитивни заклучоци за квалитетите на младиот француски лидер кога е во прашање меѓународната политика.
-Се уште не можеме да ги оцениме неговите први чекори како претседател на меѓународно ниво, но можеме да заклучиме дека Франција се врати на голема врата, вели професорот Стефан Розес.
Макрон е еден од најголемите заговорници за почитување на парискиот климатски договор и исклучително е активен кога се во прашање состаноците со странски лидери.
На меѓународните прес конференции говори на англиски јазик, што е реткост за француските функционери, поради што привлече многу симпатии од меѓународната заедница.
Она што ги загрижува Французите, но и самиот Макрон е непредвидливата политичка клима. Франција до сега била левичарски ориентирана, а на центристот Макрон му е потребно време да ги увери граѓаните во исправноста на својата политика.
Практично непознат пред 5 години, Макрон предизвикува интересирање кај сите од неговото влегување во политиката. За многумина тој е олицетворени на промени, а за некои е инкарнација на економската и политичката елита.
Неговата млада центристичка партија Република во движење освои мнозинство на парламентарните избори во јини, но недостатокот на искуство станува се повидлив и често е на мета на исменувања од постарите политичари.
Неговата центристичка линија со програмата која не е ни на десна ни на лева страна, на мета е на критики на традициооналните и далеку поискусни партии во Франција.
Портпаролот на Владата Кристоф Кастанер смета дека во текот на првите 100 дена имало време да се постават „основите и темелите за длабока промена во земјата“.
Иако Макрон одржа неколку предизборни ветувања како што е законот за морализација на политичкиот живот. По кампањата исполнета со скандали за корупција, новиот претседател се заложи за мерки за ограничување на буџетскиот дефицит, што предизвика незадоволство кај многумина Французи.
Функционерите се огорчени од ненадејното укинување на дополнителните финансиски средства кои претходно ги имаа. Пензионерите не се задоволни со најавеното зголемување на данокот што ќе влијае на нивните пензии, додека посиромашните семејства се разочарани со најеванта мерка за ограничување на станбената помош.
-Французите имаат различни ставови, а иста личност може лесно да ги предомисли. Она што е битно е да го слушате народот што во таа своја различност сака и само тогаш може да зборуваме дека државата ги прави вистинските работи, смета професорот Розес.
Намалувањето на воениот буџет, од друга страна, го натера началникот на Генералштабот на војската Пејр де Вили да поднесе оставка, а тоа доведе до дополнителни тензии меѓу Макрон и војската.
Покрај различните предизвици кои го очекуваат Макрон по годишниот одмор, медиумите сметаат дека тој на меѓународната сцена многу добро се соочил со џиновите во светската дипломатија, како што се Доналд Трамп и Влладимир Путин.
На европски план, Макрон има „пријателско сојузништво“ со германската канцеларка Ангела Меркел и како уверен Европјанин се надева на повторно оживување на ЕУ по заминувањето на Велика Британија.
Покрај тоа, Макрон предизвика внимание со својот, како што го оценуваат, атипичен брак.
Макрон (39) и неговата сопруга Брижит (64), кои се во брак од 2007 привлекоа големо медиумско внимание за време на кампањата, бидејќи за многумина претставуваат атипична двојка поради разликата во години.
Брижит стана омилена кај народот но не толку кај политичарите поради статусот прва дама кој Макрон го побара и допрва ќе биде дефиниран.
Но поради петицијата која се појави против ваквиот официјален статус, медиумите објавија дека Брижит Макрон најверојатно тој статус нема да го добие, туку дека во Елисејската палата се составува „документ за транспарентност“ на нејзиниата улога.








