МАРЈАН ЗАБРЧАНЕЦ

  1. Индија ќе ја претрка Кина и ќе стане држава со најмногу жители на светот

Според проекциите на ООН, денот кога Индија ќе ја надмине Кина според бројот на жители е 14 април 2023 година, кога ќе се роди 1.425.775.850-от индиски жител.

  1. Турција ќе прослави 100 години од основањето на современата секуларна држава

Во 2023 година Турција ќе одбележи 100-годишен јубилеј од основањето на Ататурковата современа држава. Годинава пред нас во Турција ќе се одржат претседателски и парламентарни избори на кои се очекува силен судир меѓу власта на Ердоган и опозицијата. Во 2023 година Турција ќе го лансира Türksat 6A, првиот национален турски сателит во вселената, во соработка со SpaceX.

  1. Хрватска започнува да го користи еврото и влегува во Шенген зоната

Почнувајќи од јануари 2023 година Хрватска станува 20-та земја која за своја национална валута ќе го користи еврото. Следната година Хрватска влегува и во европскиот Шенген систем за патување без пасош низ Унијата.

  1. Годишниот самит на НАТО ќе се одржи на 222 километри од литванско-руската граница

На 11-12 јули во Вилнус, Литванија, на само 222 милји од руската граница, НАТО ќе го одржи годишниот самит за своите 30 земји-членки. Тоа ќе биде веројатно најголемиот самит до тогаш одржан во Литванија и ќе чини околу 30 милиони евра.

  1. Ќе се официјализира Источно-Африканската Конфедерација

Иницијативата на Бурунди, Конго, Кенија, Руанда, Јужен Судан, Танзанија и Уганда покрената во 2000 година со цел основање заедничка држава Источно-Африканска Федерација во текот на 2023 година ќе го направи следниот покрупен чекор во таа насока и ќе објави конфедерација. Во првата фаза овие седум држави ќе создадат заедничка надворешна и безбедносна политика, а во 2024 година се очекува да воведат и заедничка валута.

  1. Warner Brothers и Disney ќе прослават 100 години постоење

На 23 јануари и 4 април двајцата гиганти во филмската индустрија полнат 100 години. Двете студија планираат сериозни прослави во текот на целата година во кои ќе бидат ангажирани нивните забавни паркови, видео игри, телевизиски канали и стриминг услуги.

  1. Експанзија на електричните возила и први комерцијални возила кои возат сами

Со експанзијата на употребата на електрични возила во развиените земји, ќе дојде до масовна продажба на половни возила кои користат дизел и бензин и нивно прелевање на пазарите во помалку развиените земји како што е Северна Македонија. Додека ние ги очекуваме добрите половни бензинци и дизели и доста полека внесуваме електрични, Западот се подготвува за комерцијална продажба на првите целосно дигитализирани возила за кои не е потребно да бидат управувани од возач туку користат сензори и самите стигнуваат до потребната локација.

  1. Масовна употреба на е-СИМ за мобилните телефони

Со појавата на iPhone 14 годинава, се очекува во 2023 година да почне масовна употреба на дигиталните е-СИМ кои се замена за физичките СИМ картици на кои сме навикнати повеќе од две децении. Тоа значи дека вашиот СИМ никогаш веќе нема да можете да го изгубите, скршите или некој да ви го украде.

  1. Passkeys наместо passwords

Во 2023 година лозинките ќе почнат масовно да заминуваат во историјата. Нема веќе да има потреба да ги памтите, запишувате и криете тајните комбинации на бројки, букви и специјални карактери кои служат за влез во вашите дигитални платформи. Новото решение кое веќе се користи на повеќе веб и мобилни уреди и системи се дигиталните клучеви за пристап. Станува збор за дигитални кодови кои ги активирате преку face recognition или fingerprint методологиите за утврдување дигитален идентитет и за заштита на лични податоци.

  1. Проверката на менталното здравје ќе почне да станува дел од годишниот систематски преглед

Со стресовите и стравовите кои ги донесоа КОВИД-19 пандемијата и кризите за храна и енергија предизвикани од путиновата војна, се повеќе луѓе во светот започнаа зачестено да вршат прегледи на своето ментално здравје. 2023 година ќе биде годината кога во повеќе држави менталното здравје ќе стане задолжително за проверка во рамки на годишните систематски прегледи.

  1. Корисниците на социјалните мрежи ќе им свртат грб на “алгоритмите”

Згрозени од троловите и уморни од притисокот на бркањето „лајкови“, корисниците уште помасовно ќе го преиспитуваат своето учество во големите социјални мрежи. Се поголем дел од корисници ќе се свртат кон помали платформи во 2023 година,

како што се сајтовите како Discord, Mastodon, Geneva, Substack и Patreon кои се особено згодни за градење заедници во помали и заштитени простори.

Нема да видиме масовен егзодус на големите социјални играчи во 2023 година, но пејзажот на социјалните мрежи ќе изгледа многу поинаку, бидејќи корисниците бараат побезбедни интернет средини.

* При креирање на содржината на оваа листа користени се предвидувањата и анализите за 2023 година на Time, The Economist, Guardian, Bloomberg, Harvard Business Review, Forbes, Futurist, Coindesk, LinkedIn News, The New York Times.

Извор: CivilMedia