Реформаторот, човекот што се спротистави на режимот на Слободан Милошевиќ, визионерот кој ја започна демократизацијата на Србија и ја поведе на патот кон членството во ЕУ, беше брутално ликвидиран на 12 март 2003 година. Убиството на Ѓинѓиќ, во историјата ќе остане како симбол за убиство на прогресот и демократијата во нејзиниот зародиш.
Во првото соопштение на Владата на Србија, како организатори и извршители на атентатот беа обележани криминалците од Земунскиот клан, а како водачи на оваа група означени се поранешниот командант на распуштената Единица за специјални операции (ЈСО) Милорад Улемек Легија, Душан Спасојевиќ Шиптар и Миле Луковиќ Кум.
Неколку часа по атентатот на Ѓинѓиќ, во земјата беше прогласена вонредна состојба, која траеше до 22 април, кога беше укината по предлог на Владата на Србија.
Следуваше полициската акција „Сабја“, во која беа уапсени атентаторот Звездан Јовановиќ, поранешен помошник командант на ЈСО, неговите помошници и уште неколку припадници на таа единица, како и сите оние кои беа осомничени за поврзаност со оваа криминална група и атентат.
На 40 години затвор беа осудени Милорад Улемек Легија, поранешниот командант на единицата кој го организираше атентатот и Звездан Јовановиќ, потполковник во ЈСО кој пукаше на премиерот,
По судењето, кое заврши во 2007 година, јавноста очекуваше да започне истрага за политичката позадина на убиството. До денес, тоа не се случи, и покрај ветувањата на сите влади во изминатите години.
Ѓинѓиќ беше првиот премиер на Србија по падот на режимот на Слободан Милошевиќ во 2000 година и доаѓањето на власт на Демократската опозиција на Србија (ДОС), а за време на неговиот мандат беше започнат процесот на демократизација на општеството и на темелни економски и социјални реформи.
Владата на Србија за време на неговиот мандат се залагаше за соработка со Хашкиот трибунал и во тоа време беа уапсени се и испорачани неколку обвинети, меѓу кои и поранешниот претседател на Србија и Југославија, Слободан Милошевиќ.
ОПОЗИЦИОНЕР, ДОКТОР ПО ФИЛОЗОФИЈА
Зоран Ѓинѓиќ е роден на 1 август 1952 година во Босански Шамац, Босна и Херцеговина. Тој беше првиот некомунистички градоначалник на Белград по 1945 година, како и еден од основачите на Демократската партија, во која беше претседател на Извршниот одбор, а од јануари 1994 година до убиството беше претседател на Демократската партија.
Неговата мајка Мила Душаниќ, домаќинка, го изгледала него и неговата постара сестра Гордана. Семејството се преселувало според работата на неговиот татко. Десет години од детството, Зоран ги поминал во градот Травник, во централна Босна. На крајот, семејството се преселило во Белград, откако неговата мајка добила работа таму. Ѓинѓиќ учел во Деветтата белградска гимназија, потоа се запишал на Филозофскиот факултет при Белградскиот универзитет, дипломирајќи во 1974 година. За време на универзитетските денови тој развил интерес за политиката. Откако бил осуден од страна на комунистичките власти за неговата улога во обидот да се организира независно политичко движење на југословенските студенти, Ѓинѓиќ емигрирал во Западна Германија благодарение на интервенцијата на поранешниот германски канцелар Вили Брант, кој ги убедил властите да дозволат Ѓинѓиќ да дојде во Германија наместо да ја издржи својата казна во Југославија. Тој продолжил со студиите во Франкфурт.
Во Германија, Ѓинѓиќ станал доктор по филозофијата на Универзитетот во Констанц во 1979 година. Подоцна, додека служел како српски премиер, тој исто така го совладал англискиот јазик, освен германскиот кој го научил додека студирал.
Во 1989 година, Ѓинѓиќ се вратил во Југославија и работел како професор на Универзитетот во Нови Сад, а на 11 декември 1989 заедно со другите српски интелектуалци и продемократски активисти ја основал либералната Демократска партија на Србија (ДС) врз основа на сличната партија што постоела во Кралство Југославија. Тој станал претседател на Извршниот одбор на партијата во 1990 година и бил избран во парламентот на Србија истата година. Во јануари 1994 година го замени Драгољуб Миќуновиќ на функцијата претседател на Демократската партија[3].
По масовната низа јавни протести поради изборната измама што ја извршила централната власт на чело со Слободан Милошевиќ во текот на зимата 1996-1997, Ѓинѓиќ станал Градоначалник на Белград, првиот посткомунистички градоначалник што ја држел таа функција по Втората светска војна. Обединети само поради нивниот политички непријател, коалицијата со СПО на Вук Драшковиќ и ГСС на Весна Пешиќ, коалицијата се распаднала по само четири месеци од нивната победа.
Во септември 1999 година Ѓинѓиќ бил именуван од списанието „Тајмс“ како еден од најважните политичари на почетокот на 21 век. По неговото враќање во земјата во јули 1999 година, Ѓинѓиќ бил обвинет за загрозување на државната безбедност во судскиот процес што бил затворен за јавноста, а потоа се открило дека истиот процес бил лажиран.
Во следниот период започнале серија мистериозни атентати, вклучувајќи го и убиството на југословенскиот министер за одбрана, Павле Булатовиќ на 7 февруари 2000 година во ресторан. Во април, претседателот на ЈАТ Жика Петровиќ бил застрелан. Кон крајот на август исчезнал претседателот на поранешна Југославија Иван Стамболиќ, кој бил убиен на планината Фрушка Гора од страна на припадници на Српската единица за специјални операции. Ѓинѓиќ и неговите сојузници отворено го обвиниле Милошевиќ за овие настани, тврдејќи дека тој или ги наредил или не бил во можност да ја задржи контролата и затоа треба да се повлече.
Ѓинѓиќ имал голема улога на претседателските избори во септември 2000 година и во соборувањето на Милошевиќ на 5 октомври. Ѓинѓиќ ја предводел коалицијата од 19 партии за неговата победа на српските избори во декември 2000 година. Тој станал премиер на Србија на 25 јануари 2001 година. Во 2001 година Ѓинѓиќ имал клучна улога во испраќањето на Милошевиќ во Хашкиот трибунал во Хаг.[4] Подоцна, Ѓинѓиќ рекол дека останал разочаран од долготрајното судење на Милошевиќ, квалификувајќи го како „циркус“. Ѓинѓиќ изјавил дека судот во Хаг „му дозволил на Милошевиќ да се однесува како демагог и да го контролира судењето“.
Ѓинѓиќ бил добро прифатен од западните земји. Неговите состаноци со западните водачи Џорџ В. Буш, Тони Блер, Жак Ширак и други силно укажувале дека Западот ја поддржува неговата политика. Ѓинѓиќ имал постојани несогласувања со неговиот поранешен коалициски партнер и тогашниот југословенски сојузен претседател Воислав Коштуница, кој бил негов најголем политички соперник во самата Србија. Неговите претходни блиски односи со црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, исто така, се заладиле поради сепаратистичките аспирации на Ѓукановиќ за независна Црна Гора.
Зоран Ѓинѓиќ, исто така, ги зголемил економските реформи. Таквите реформи вклучувале либерализација на цените и намалување на понудата на пари со цел да се постигне макроекономска стабилност.
Според извештајот на Ројтерс на 18 март 2003 година, според Карла дел Понте, Ѓинѓиќ го предвидел својот атентат за 17 февруари, само неколку недели пред тој да се случи.
Извор на биографски податоци: Википедија
Подготви: А. Василевска