Во Кривичниот суд во Скопје продолжува судњето за случувањата во Собранието на 27 април минатата година.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и изнесување на докази предложени од одбраната.
На минатото рочиште исказ пред судот даде обвинетиот Митко Пешов, а беа сослушани и неколку сведоци, предложени од одбраната.
Пешов, кој на 27 април беше началник на одделот за специјална полициска операција пред судот рече дека командата на Оперативниот штаб „Платформа“, не предвидела дека ќе има упад во законодавниот дом. Полицијата не планирала да преземе дејствија и мерки внатре во собранието.
„Можеби во тој момент сме можеле повеќе да направиме. И можеби сме требале на друг начин да постапуваме, но јас преземав мерки согласност моите овластувања“, сведочеше обвинетиот Митко Пешов.
Но штабот „Платформа“, предвидел да го обезбедува движењето на протестот „За заедничка Македонија“ и да го обезбедува Собранието.
Токму Митко Пешов дал наредба за евакуација на пратениците, сведочеше полицаецот Бранко Трајановски. Тој рече дека со 13 специјалци, тргнале од касарната Ѓорче Петров. Во 20.25 часот почнале да постапуваат, откако наредил Пешов.
Судскиот процес го води судијката Добрила Кацарска, а застапници на обвинението се Вилма Русковска и Ивана Трајчевска.
За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. Претходно поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Сашко Марковски постапката за него беше одвоена и треба да продолжи по еден месец.
Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.
На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.