Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски на денешното рочиште, сведочи за настаните од 27 април.
Тој рече дека бил „фрапиран од немилите настани“.
По завршувањето на седницата на 27 април тој рече дека заминал во својот Кабинет каде што бил со сите вработени во Кабинетот, а имало и пратеници. Вељаноски од своето лично обезбедување, сега обвинет Горан Ѓошевски Леви побарал да ги заштити вработените од Кабинетот.
Вељаноски кажа дека во холот пред Кабинетот на секои две до три минути одекнувале шок бомби, а демонстрантите се обиделе да влезат во Кабинетот. Во еден момент на Ѓошевски му се слошило, и дел од демонстрантите упаднале внатре. Вељаноски рече и дека останал во Собранието се додека не биле евакуирани сите пратеници.
Вељаноски рече дека не го исклучил Зекирија Ибраими кога почнал да ја пее албанската химна, затоа што немал таква можност.
-Можам да исклучам говорник само ако зборува од место, а Ибраими пееше од говорница, рече Вељаноски.