Во Кривичниот суд денеска продолжува судењето за настаните од 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и треба да продолжи со изведување на дополнителни докази предложени од одбраната на обвинетите.
За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. Претходно поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Сашко Марковски постапката за него беше одвоена.
Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.
На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.
Заврши рокот за барање за амнестија
Сите обвинети и инволвирани во настаните од 27 април, околу 70, имаа право да поднесат барање за амнестија, според Законот што беше донесен минатата недела.
Ноќеска на полноќ заврши петдневниот рок. До 15часот вчера, биле поднесени 62 барања, но ќе бидат разгледувани и оние кои ќе пристигнат по пошта.
Меѓу оние кои досега поднеле барање, според пишувањата на дел од медиумите, се пратениците Крсто Мукоски, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски, како и Александар Василевски Нинџа, Никола Митревски Кољо, Горан Ангелов – Ќосето, Иван Цветановски, Горан Ѓошевски Леви и Митко Пешов, браќата Михаил и Стефан Младеновски, Абдулфета Алими и Захарие Симовски. Барања за амнестија поднеле, како што пишуваат дел од медиумите и режисерот Борис Дамовски, еден од тројцата водачи на протестите „За заедничка Македонија“ и оперскиот пејач Игор Дурловски.
Јане Ченто и Игор Југ, кои се меѓу 33-та обвинети за настаните од 27 април, се изјаснија дека нема да бараат милост, туку правда.
Барање за амнестија може да поднесат и веќе осудените за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села, како и за нападот на министерката Радмила Шеќеринска. Адвокатите на Панче Ангелов, кој е осуден на четири години затвор за делото „насилство“, врз Шекеринска при упадот во Собранието на 27 април и на Никола Војминовски осуден на 13 и пол години затвор за обид за убиство врз Зијадин Села, потврдија дека поднеле барање за амнестија.
По истекот на рокот за поднесување на барањата, Судот и Обвинителството ќе имаат рок од пет дена да одговорат кој ќе биде помилуван, а кој не.
Судот кога ќе ги прибере барањата за амнестија треба да ги испрати на мислење до Обвинителството, кое не е врзано со рок за произнесување по истите.
Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев на вчерашниот брифинг, рече дека допрва ќе каже кој ќе одлучува по барањата, бидејќи како што рече, судијката Кацарска дава отпор, односно смета дека таа не треба да ги носи одлуките за тоа кој ќе биде амнестиран.
Неговото лично мислење е дека Кривичниот совет е надлежен за предметите за кои веќе има пресуда, а за предметите кои се во тек, како „27 април“, надлежноста да ја има судечкиот совет, односно судијката Кацарска.
-Во спротивно би се извршил упад во независноста при носењето на мериторна одлука, вели претседателот Џолев.
Кацарска за Телма пак не ни помислува да ги носи одлуките, бидејќи според законот вели не е надлежна за ова.
-Јас го читам законот и никаде не пишува дека судеччкиот совет одлучува за амнестијата. Триесет години сум судија и ова не се случило, секогаш за амнестии одлучувал кривичен совет а се консултирав и со други искусни судии. Што ако јас донесам одлука за амнестија а повисокиот суд ми ја поништи, тогаш јас веќе сум ја прејудуцирала пресудата која подоцна ке треба да ја донесам. И по цена на разрешување нема да го сторам тоа, вели Кацарска за Телма.
По одлуката на Кривичниот суд, обвинетите и осомничените ќе имаат право на жалба пред Апелацискиот суд во рок од три дена.
Македонското Собрание, го донесе Законот на 18-ти овој месец по скратена постапка со 95 гласа „за“, без „против“ и „воздржани“.
Согласно Законот, амнестијата нема да ги опфати организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања.