Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

34 години АРМ: Од „боси по трње“ до рамноправна и достојна членка на НАТО

August 16, 2026

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

34 години АРМ: Од „боси по трње“ до рамноправна и достојна членка на НАТО

0
By Zoran Ivanov on August 16, 2026 ИНТЕРВЈУ, ТЕМА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email
Published: Sunday, August 16, 2026 14:49

Интервју за НОВА.мк на Свето Стаменов со проф. д-р Трајан Гоцевски, министер за одбрана во првата влада на независна и суверена Република Македонија, под чие непосредно раководство е формирана Армијата на Република Северна Македонија во 1992 година

Годинава кога ја одбележуваме 35-годишнината од прогласувањето на македонската независност, се навршуваат и 34 години од формирањето на Армијата на Република Северна Македонија и нејзиното шестгодишно функционирање како составен дел од силите на НАТО. Три датуми од посебно значење за македонските граѓани и за независноста на македонската држава за што Армијата даде посебен придонес.

По повод 18 август – Денот на Армијата на Република Северна Македонија, наш соговорнник е проф. д-р Трајан Гоцевски, министер за одбрана во првата влада на независна Република Македонија, под чие непосредно раководство беше формирана Армијата на Република Македонија и човек кој прв го даде предлогот за зачленување на Македонија во НАТО и кој до денес останува доследен подржувач на развојот на нашата армија.

  Стаменов: Професоре, годинава кога ја одбележуваме 35-годишнина од прогласувањето на независноста и самостојноста на нашата земја, се навршуваат и 34 години од формирањето на нашата армија и шест години од нејзиното функционирање како НАТО-армија. Па, според Вас, какво е значење на овие датуми?

Гоцевски: Македонија годинава одбележува три значајни датуми: 35 годишнината од прогласувањето на нејзината независност, 34 години од формирањето на Армијата на Република Северна Макеоднија и шестгодишното функционирање на Армијата како составен дел од силите на НАТО. Исклучително значајни датуми за нашата национална безбедност, за нашата одбрана, за стабилноста на нашата држава, за регионалната стабилност и, се разбира, за стабилноста на целата евроатлантска безбеднсна зона во која и ние активно придонесуваме.

Вековниот сон на многу наши генерации, дејци, великани, политичари да имаме своја држава со своја армија стана реалност.  Со референдумот од 8 септември и Уставот од 17 ноември 1991 година прогласивме формирање на своја независна држава. Со донесувањето на Законот за одбрана на 14 февруари 1992 година, формиравме и своја армија. Со ратификацијата на договорот за членство во НАТО на 27 март 2020 година, Македонија стана полноправна членка на НАТО – дел од евроатлантската безбедносна зона со над една милијарда жители.

Денес и целата територија на Македонија е дел од евроатлантската безбедносна зона. Во НАТО се сите делови од територијата Македонија која, за жал, со Букурешкиот договор беше поделена меѓу соседните држави, кои сега се членки на НАТО.  Тоа е големата слика која не треба никогаш да ја заборавиме. Денес се бориме за полноправно членство во Европската Унија, кое одамна го заслуживме, но некои соседи од непредвидливиот Балкан повторно на тој пат застанаа пред нас. Но, тоа не треба да нè обесхрабрува.

Македонскиот народ и другите националности со кои градиме модерно мултиетничко општество, добро знаат дека нам во историјата никогаш ништо не ни е подарено. Сè што имаме е стекнато со многу страдања, одрекувања, многу труд, пот и крв. Само треба обединети околу државните и националните интереси храбро да продолжиме напред и резултатите ќе си дојдат. Со сите сили и средства треба да си  ја чуваме државата и најзината армија, да ги чуваме и зајакнуваме сите други државни, научни, културни и невладини институции, бизнис заедницата, за да опстанеме како народ за навек на овој немирен и непредвидлив Балкан.

Стаменов: Професоре, нашата армија беше формирана во едно тешко време, па накратко какви беа условите во кои ја формиравме македонската армија?

Гоцевски: Поминаа 34 година од почетоците на формирањето на АРМ. Тоа беше тешко и непредвидливо време. Одевме по работ на бездната. Секој погрешен чекор нè носеше и нас, но и независноста на Македонија, кон амбис од кој немаше враќање. Но, влогот беше голем -независноста на Македонија.

Ние бевме уценети од меѓународната заедница да направиме неколку работи или нема независна држава, а како такви беа: да ја надминеме состојбата – туѓа војска на наша територија, а ние прогласивме независност што беше вистина, бидејќи со донесувањето на Уставот на 17 ноември 1991 година ЈНА стана туѓа војска; да ја надминеме состојбата на прогласена независна држава без своја армија како гарант на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет; да ја заокружиме нашата територија со меѓународно признати граници, бидејќи северната граница како административна внатрешна граница за меѓународната заедница не беше валидна. Со Лисабонската декларација дури се дрзнаа да нè обезличат, велејќи дека не може да имате држава си именката Македонија во името на државата. Во неколку пригоди лорд Овен ни стави на знаење дека без исполнување на овие услови да ја заборавиме независноста.

Понатаму, уште поризично во тоа време беше тоа што тогаш немавме закон за одбрана, а со тоа немавме законска основа за формирање на сопствена армија. Па, секое формирање на каква било воена формација, таа ќе беше прогласена за паравојска и нападната од ЈНА како нејзина легитимна воена цел. А тоа ќе значеше војна и во Македонија. Со тоа дефинитивно ќе ѝ ставевме крај на нашата независност. Тоа е вистината. Без разлика дали некому му се допаѓа или не.

Стаменов: Професоре, но од каде конкретно доаѓаа заканите кон Македонија во тоа судбоносно и немирно време?

Гоцевски: Речиси од сите страни. И од надвор, и од внатре. Конкретно, тогашното Претседателство на СФРЈ донесе одлука со која ја овласти ЈНА да може воено да интервенира во сите републики кои ќе покажат сепаратизам. Македонија беше ставена меѓу тие републики. Мене како министер за одбрана ми беше кажано дека „според планот“ Република Македонија може за четири до шест часа да биде ставена под воена управа, ако се нареди. Поголема закана од тоа немаше.

Од внатре како врв на нашата неизвесност стана и одбивањето на тогашното Министерство за одбрана на Македонија да подготви закон со кој ќе се создаде законска основа за формирање на наша регуларна армија.

Како резултат на овие недоразбирања и ултимати во Македонија се појавија идеи за формирање на воени формации наместо армија на Република Македонија, како што беа: Македонска национална гарда, Албанска ослободителна армија, силна полиција а не армија  и сл. Како се згуснуваа деновите и настаните во одредени кругови во Македонија се промовира и тезата дека е неминовно да се отвори војна со цел да бидеме признаени како независна држава, по примерот на Словенија и Хрватска.

Исто така, се иницира и идејата за отварање на т.н. јужен фронт во кој, според едно сценарио, Македонија со Косово, Херцег-Босна и Хрватска да отворат фронт против режимот на Милошевиќ, а според другото сценарио, Македонија заедно со Србија и Србите од Босна и Херцеговина да отворат фронт против режимот на Туѓман. Двете сценарија за нас ќе беа погубни.

Еве само еден пример кој првпат појасно го изнесувам. Имено, постоеше одука на државното раководство на Република Македонија да не испраќаме регрути во ЈНА и единици на Територијалната одбрана надвор од Македонија, но тоа не беше почитувано од Министерството за одбрана. По одлуката на владата и на претседателот на државата, до моето доаѓање за министер за одбрана во ЈНА беа испратени околу 16.200 регрути, а околу 750 припадници на Територијалната одбрана беа упатени кон Србија, што предизвика бунт во таа единица. Но, за тоа никој не одговараше.

Владата затоа го разреши раководството на Министерството за одбрана. Во едни такви сложени услови, мене како министер за одбрана ми беше доверена таа искличително сложена и ризична задача – да се донесат закон за одбрана и други акти потребни за функционирање на армијата, да се иссели ЈНА по мирен пат и да се формира регуларна армија на Република Македонија. Назад немаше каде. И успеавме.

АРМ беше успешно формирана и, еве, 34 години чесно им служи на своите граѓани и својата држава. Но, мора да ги повторуваме овие работи, бидејќи новите генерации и припадници на АРМ не ги знаат овие работи.

Стаменов: Професоре, според Вас, каде сме сега 34 години по формирањето на Армијата?

Гоцевски: Со една реченица, денес веќе имаме модерна, современа и со висок углед институција, која успешно функционира во сите структури на НАТО. Започнавме во исклучително сложени услови, со скромни ресурси, но со огромен ентузијазам, посветеност и решителност, а преку планирана професионализација и модернизација денес стигнавме до респектабилна воена сила, полноправна членка на НАТО-алијансата. Успех кој е достоен за почит од секој македонски граѓанин.

Сепак Армијата не настана сама по себе. Македонската армија влече корени од победите, од поразите, од митовите за непокорност, храброст, патриотизам, посветеност, решителност и самопожртвуваност. Од македонската фаланга на Филип и Александар, преку Самоиловата војска, херојствата на Преродбениците и Илинденците, непокорноста на Асномците за да продолжи во деведесеттите години по распадот на Југославија, кога е прогласена нашата независност.

Благодарејќи на визијата на нашите државници од деведесеттите години на минатиот век, кои знаеја да ја проценат сложената геополитичка состојба во Европа и светот, и во 1991 година се решијај за формирање на независна, самостојна и суверена држава, со формирање на своја армија, со која се заокружија суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Македонија како држава.

Денес имаме армија како доверлив партнер со висок професионализам и посветеност на своите задачи и мисии.  Рамо до рамо со армиите од евроатлантската безбедносна зона, македонската армија продонесува кон мирот и стабилноста во зоната на одговорност на НАТО, притоа будно штитејќи ги суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на нашата татковина Македонија. Им помага на државата и на граѓаните кога им е најтешко: при поплавите, пожарите, бегалската криза, пандемијата и сл.

Затоа денес сите треба да се гордееме со македонската армија. Поминавме и бурни и мирни периоди за денес Армијата да биде институција со најголема доверба кај граѓаните. Тоа треба да биде поука и за другите државни институции.

Стаменов: Професоре, како човек кој е еден од најзаслужните за фопрмирањето на македонскиот самостоен одбранбен систем и на нејзината оружена компонента – Армијата на Република Македонија, дали можете накратко да го опишете патот до формирањето на нашата армија?

Гоцевски: Патот не беше воопшто лесен. Зад нас имаме солидно над 34-годишно искуство како независна и суверена држава со своја армија.

Ќе започнам со двата најзначајни датуми за Армијата и за државата. Имено, Армијата на Република Македонија на 27 март 1992 година ја презеде контролата над целата државна територија. Воспоставивме целосен суверенитет како држава. Вториот датум е 27 март 2020 година, кога Македонија стана членка на НАТО.

На овие важни датуми им претходеа клучни процеси и настани со стратегиско значење за нашата национална безбедност: разговори во Белград за идна југозаедница, шесте средби на претседателите на републиките, референдумот за независност на 8 септември 1991, Уставот од 17 ноември 1991, Законот за одбрана од 14 февруари 1992, договорот за дислокација на ЈНА од Македонија од 21 фебруари 1992 година. Има и други датуми, но овие ги сметам за многу значајни.

Во тие бурни времиња Македонија мораше да го заокружи политичкото, одбранбеното и военото осамостојување. Динамиката на формирање на Армијата беше со светлосна брзина. Едноставно моравме. До 9 мај 1992 година ги добивме првите регуларни единици и на 10 мај, кога СФРЈ како држава беше избришана од регистарот на ООН, ние имавме сопствена армија и го исполнивме најважниот услов на меѓународната заедница за независна држава.

На самиот почеток препознавме дека наш витален интерес е интеграцијата во НАТО како најважен систем на колективната безбедност, но и заедница на демократии кои веруваат во ист систем  на вредности. Советот за безбедност на Република Македонија на 18 мај 1992 година, на мој предлог, донесе заклучок за почнување на процедурите за прием на нашата држава во НАТО. Во декември 1993 година Собранието на Република Македонија донесе декларација за зачленување во НАТО. Во 1995 година го потпишавме договорот Партнерство за мир. Исклучително е значајно што зад оваа стратегиска цел застана огромното мнозинство од граѓаните и сите релевантни политички фактори и таа успешно се реализира.

Армијата за овие изминати 34 години целосно се трансформира во современа и респектабилна институција дел од евроатлантската безбедносна зона. Тоа е голема доблест за Армијата. А, започнавме скромно, со капацитетите што ги имавме во Територијалната одбрана на тогашна СРМ и со потенцијалот и луѓето од Македонија кои служеа во ЈНА. Сојузник ни беше и огромната волја втемелена врз слободарските традиции на илинденците и на партизаните од антифашистичката борба и плејадата херои кои животите ги положија за Македонија.

Подоцна модернизацијата на АРМ се одвиваше во согласност со стандардите на Алијансата, фаќајќи го чекорот со најновите трендови во одбраната. Државата вложуваше и во едукацијата на офицерскиот кадар. Голем број од нашите офицери завршуваа школи за национална одбрана во земјите-членки на НАТО. Секако, најголем придонес во таа смисла даде Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“. Таа денес прерасна во модерна високообразовна институција, единствена од таков вид во нашата држава, оспособена по сите универзитетски стандарди да реализира студии од прв, втор и трет степен. Исто така, реализира и многубројни научно-истражувачки проекти од витално значење за нашата армија.

Армијата стекнуваше искуство и ја одржуваше својата борбена кондиција на многубројни меѓународни воени вежби и со активно учество во повеќе мировни мисии предводени од НАТО, Европската Унија, Обединетите нации и од нашите стратегиски партнери врз билатерална основа. Со тоа го зајакнавме и нашиот меѓународен кредибилитет, нè препознаваа како држава која генерира стабилност во поширокото опкружување.

Стаменов: Професоре, според Вас, како Армијата го градеше својот кредибилитет на домашен терен?

Гоцевски: Армијата во сите овие изминати 34 години никогаш не ги заборави своите граѓани. Тоа е клучот за довербата. Низ целиот овој период Армијата беше ангажирана во сите клучни предизвици низ кои минуваше државата, какви што беа: Косовската криза во 1999, воениот конфликт во 2001 и мигрантската криза во 2015 година. Армијата се вклучуваше и помагаше и во најразлични кризни и вонредни состојби, од справување со елементарните непогоди и пожари, до пандемијата на КОВИД-19.

За зголемување на кредибилитетот и довербата која граѓаните ја имаат денес во Армијата важно значење имаше процесот кој го започнавме по 2001 година кога во нејзините редови почнаа помасовно да се вклучуваат и припадниците на другите етнички заедници, како и жените. Вклучувањето на припадниците на различните групи од нашето општество во Армијата само ја засилува нејзината внатрешна кохезија и потенцијал, за уште поуспешно да ги извршува своите уставни и законски обврски.

Членството во НАТО, пак, стана стабилизирачки фактор за Македонија во најширока смисла на зборот. Токму во овој период на огромни геополитички тензии и воени конфликти се покажа колку членството во НАТО е важно и претставува важен стабилизирачки фактор за Македонија. Со исто значење е и нашето стратегиско партнерство со САД, а сега најново и со Велика Британија и со Европската Унија. Во споредба со почетоците, денес имаме бројно помала, но борбено далеку поефикасна професионална армија, која е многу подобро опремена и подготвена да се справува и со новите асиметрични и хибридни закани на 21. век.

И класичните традиционални воени закани остануваат присутни, меѓутоа новото време носи и нови безбедносни предизвици кои не смееме да ги игнорираме. Свесни сме каква опасност се дезинформациите, лажните вести и политичката пропаганда која има за цел да ја дестабилизира демократијата како систем. Затоа, за да бидеме подготвени за соочување и со традиционалните и со новите закани, треба да продолжиме да инвестираме во одбраната и во системот за национална безбедност како целина.

Стаменов: Професоре, во која насока го гледате идниот развој на нашата армија?

Гоцевски: Мислам дека се наоѓаме на разиграна и непредвидлива шаховска табла. Деновиве се влечаат клучните потези. Започнува редизајнирање на светскиот поредок. Се водат војни. По промената на надворешната и безбедносна поилтика на САД, кои се наш стратегиски партнер и најмоќна држава-членка на НАТО,  по промената на Европската Унија која се стреми кон што побрзо воспоставување на независна европска одбранбена способност и по одлуките на НАТО да ги зголеми инвестициите во своите капацитети, како сè да се менува.

Само пред некој ден, командантот на НАТО за трансформација, адмирал Вандије, најави дека Алијансата има потреба од длабока внатрешна трансформација. Тој отворено констатира дека „постојните системи на одбрана повеќе не се приспособени на современото војување“.

Овие пораките се однесуваат и на Македонија. Кога се менуваат стратегиите на НАТО, тоа нужно бара и промени во националните стратегии и одбранбени системи. Затоа трансформацијата треба да ја сфатиме како стратегиска неопходност. За Македонија тоа значи натамошна модернизација на Армијата, инвестиции во противвоздушната одбрана, беспилотните системи, сајбер-безбедноста и дигиталните комуникации.

Неопходно е и усогласување со новите НАТО-доктрини, заедничките стандарди и концептот на повеќеслојна одбрана што го промовира Алијансата. Покрај набавката на современа опрема, потребна е изградба на капацитети за брза адаптација, логистичка одржливост и интегрирано дејствување со сојузниците.

Македонија и нејзината армија треба да бидат активен учесници во трансформацијата на НАТО, бидејќи успехот на НАТО зависи од подготвеноста на секоја членка да ги прифати новите принципи на современата одбрана. А, ние сме членка на НАТО и дел од евроатлантската безбедносна зона и кандидат за членство во Европската Унија.

Мислам дека сега од кога било кога досега од нашето осамостојување, ни се потребни многу мудрост, национаално единство и стратегиско размислување и носење на одлуки за наше долгорочно позиционирање во изразено висока динамика во меѓународните односи.

Стаменов: Според Вас, дали има корелација новата безбедносна парадигма со релациите со Европската Унија?

Гоцевски: Секако дека има. Затоа не случајно, во позитивна конотација го спомнав потпишувањето на стратегиското партнерство со Европската Унија и со Велика Британија.

Што се однесува на Европската Унија, за да може вистински да ја постигне својата стратегиска автономија во новата геополитичка динамика и да го зачува својот кредитбилитет, според мене, Европската Унија ќе мора да се посвети на брзо решевањето на четири круцијални безбедносни прашања:

Прво е проширувањето и забразан прием на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, стабилизирајќи ја со тоа Југоисточна Европа.

Второ, Европската Унија мора да одговори кој е најдобриот одговор за колективната безбедност и одбрана на земјите-членки на Европската Унија: преку мисијата на НАТО или преку реализацијата на идејата за заедничка европска одбрана и формирање на европски оружени сили (армија).

Трето, се разбира, и најважно и најчувствително: Европската Унија мора да реши како ќе ја остварува крајната стратегиска потпора на својата одбрана и безбедност – на нуклеарниот потенцијал на Франција и Велика Британија или на нуклеарниот потенцијал на САД.

Четврто, да одговори како ќе ја решава бегалската или миграантската криза, која зазема сè поголеми размери и станува сериозен економски, безбедносен и политички ризик за сите држави.

Четирите прашања се тешки, бараат смели и брзи политички одлуки на Европската Унија за  да постигне посакувана стабилизација. Промените во САД, најавите за дебата за идните позиции на САД во НАТО и неодлучноста и недореченостите на Европската Унија по тие прашања, сега ѝ се испорачуваат како неплатена сметка од минатото, која ќе мора да се наплати.

Стаменов: Професоре, по сето ова само по себе се наметнува прашањето: што понатаму?

Гоцевски: Сега е вистинското време да се свртиме кон иднината. Ќе повторам, во моментот се наоѓаме во исклучителна геополитичка динамика, безбедносна средина условена од водењето на две брутални војни кои ги засегаат светот, Европа и нашиот регион, па со тоа и нашата држава и нашата армија. Оваа состојба од корен го менува односот кон безбедноста и одбраната кај сите држави и нивните сојузи, како што се: НАТО, Европската Унија и, се разбира, ООН.

Според мене, во таква сложена состојба треба да дадеме одговор на прашањата: што понатаму и каде и како ќе ги водиме нашата армија и нашата држава? Според моето искуство од оваа проблематика, на нас во Македонија потребно ни е политички и надпартиски консензус за потребите од промена на курсот кон Армијата. Тоа треба да биде долгорочен и врз стабилни основи заснован процес, кој треба да се однесувана неколку стратегиски прашања:

– мора да се одржува нужна борбена готовност на Армијата на долга патека;

– неопходно ни е стабилно финансирање на Армијата на краткорочен, среднорочен и на долгорочен план;

– за да се постигне тоа треба перманентно вложување и без осцилации, какво што ги имавме во изминатите три децении;

–  нужно е да продолжи модернизацијата на Армијата во континуитет, во согласност усвоениот десетгодишен план;

– потребно е перманентно технолошко унапредување на борбената опрема и борбените системи на Армијата;

– мора да обезбедиме стабилно и зголемено финансирање на Армијата во согласност со системот за планирање, програмирање и буџетирање;

– зголемување на квалитетот на човечкиот потенцијал, се разбира во согласност со проценките за безбедносните ризици и предизвици со чие справување би се соочува Армијата во иднина;

– мораме да ги процениме и внатрешните предизвици и ризици и да ја подигнеме и подготвиме Армијата за ваквите состојби кои ги налага времето: бегалската криза, пожарите, здравствената криза, сајбер-нападите, заштитата на критичната инфраструктура и сл.

– во таа насока треба да ги прецизираме новите мисии на АРМ на внатрешен план, за што е потребно да се иновираат основните документи на државата, како што се: кризниот менаџмент, управувањето со кризи, заштитата и спасувањето и сл.

– следната голема реформа, која е веќе во тек во западните системи во областа на одбраната, безбедноста и разузнавачките системи е заради подобро соочување со хибридните и сајбер-заканите и со нивниот најистурен аспект – дезинформациите, одбраната, заштитата на критичната инфраструктура и заштитата на информатичките системи во сите области, и

-стратегиското партнерство на високо ниво со САД треба да остане најважна алатка за развојот и модернизација на Армијата.

Во контекст на новонастанатата геополитичка и военостратегиска состојба, Армијата мора да се продолжи да се увежбува, развива, модернизира и технолошки да се унапредува. Затоа, модернизацијата на Армијата останува круцијално прашање. Да го потврдиме континуитетот на вложувањето во развојот на капацитетите на нашата армија што е гаранција дека продолжуваме да инвестираме во нашата национална безбедност на долги патеки.

Стаменов: Професоре, ајде сега во неколку реченици, како Вие ја перцепирате нашата армија денес?

Гоцевски: Еве како јас во неколку реченици, би ја опишал нашата армија:

– 34 години перманентен столб на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на нашата држава;

– сигурно рамо на кое може да се потпрат државата и граѓаните во каков било ризик и да се наоѓаат;

– кохезивен фактор и стабилизатор во македонското општество;

– коридор по кој стабилно и упорно ја носеше нашата држава кон евроатлантската алијанса;

– дипломат од највисок ранг кој Македонија ја афирмираше на меѓународната сцена, а посебно во безбедносното етаблирањето во евроатлантската безбедносна зона;

– контрибутор во зачувувањето на регионалниот и светскиот мир и безбедност преку многуте меѓународните мисии на мирот;

– институција со долгорочен план за развој на одбранбените способности до 2032 година, усвоен од Собранието, а со тоа стабилен и одржлив развој на Армијата како сложен систем, и

– институција со највисока доверба кај граѓаните на Македонија.

И на крајот: на сите припадници на Амијата им го честитам 34-от роденден!  

 

 

АРМ гоицевски интервју стаменов
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

77-ми протест против владата на Еди Рама

August 16, 2026

Анкета: Турската опозициска „Нова партија“ води со речиси осум отсто пред партијата на Ердоган

August 14, 2026

Масовен сајбер напад во Полска, украдени се медицински податоци на 19 милиони граѓани

August 13, 2026

Најмалку седум мртви во нападот врз училиште во Тајланд

August 7, 2026

СОЗИС: Украинците повеќе им веруваат на генералите отколку на Зеленски

August 7, 2026
shortcut
ФОКУС
August 16, 2026

Техеран го повика Вашингтон да признае воен пораз

ВЕСТИ August 16, 2026

Ормускиот теснец ќе се отвора и затвора исклучиво под команда на Иран, изјави заменик-шефот на…

Букурешт: Дуња Иванова четврта на Балканот во МТБ маратон во Романија – 73 км. должина и 2.400 м. висинска разлика

August 15, 2026

Њујорк Тајмс: Европа смислува свој формат за преговори за Украина

August 15, 2026

Поглед од морето кон Омиш во пламен – спасувачите објавиja морничава снимка

August 15, 2026
ТИКЕР

77-ми протест против владата на Еди Рама

August 16, 2026

Анкета: Турската опозициска „Нова партија“ води со речиси осум отсто пред партијата на Ердоган

August 14, 2026

Масовен сајбер напад во Полска, украдени се медицински податоци на 19 милиони граѓани

August 13, 2026

Најмалку седум мртви во нападот врз училиште во Тајланд

August 7, 2026

СОЗИС: Украинците повеќе им веруваат на генералите отколку на Зеленски

August 7, 2026
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2026 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.