Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

34 години АРМ: Од „боси по трње“ до рамноправна и достојна членка на НАТО

August 16, 2026

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Првите сто години се најтешки, за потоа – ќе видиме

0
By Xhabir Deralla on September 8, 2026 КОЛУМНА, ПОЛИТИКА, СТАВ, ФЛЕШ ТРИ
Џабир Дерала (фото: Рилинд Сулејмани)
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email
Published: Tuesday, September 8, 2026 18:17

35 години независност

Џабир Дерала

8 септември 2026. Северна Македонија слави триесет и пет години независност. Чувствата се измешани. Ова е ден кога човек може да се чувствува добро и убаво, затоа што 35 години независност е убав, голем јубилеј. Но, гледајќи ги изминатите години, не може да му избега чувството на неизвесност, разочарување, па и горчина.

Во овие 35 години имавме многу тешки денови, но имавме и денови кога се носеа мудри одлуки за надминување на спорови и тензии, за запирање на крвопролевањето и за продолжување на животот во колку-толку нормален и демократски амбиент.. Од тешки состојби, земјата се издигна до висините на членството во НАТО и иташе кон ЕУ. И тоа се славеше. Со право се славеше.

Навистина, земјата честопати е посочувана како позитивен пример во регионални, па и во многу пошироки рамки.

Така, земјата беше посочувана како пример за Охридскиот договор од 2001 година кога успеа да постигне договор со кој се надминуваат последиците од една кратка, но брутална етничка војна, исполнета со воени злосторства и страдања на цивили. Далеку од размерите на претходните југословенски војни 1991-1995 и 1998-1999, но секако тешка и со последици што се чувствуваат и 25 години подоцна.

Исто така, имаше периоди кога земјата беше посочувана како пример во регионални, па и пошироки рамки, за добри меѓуетнички односи. Иако таа оценка беше претерана, сепак, за поздравување беше политичката волја на политичките елити во тие периоди, меѓу другото и на тогашната владејачка коалиција предводена од СДСМ и ДУИ.

Денес, за жал, можеме да бидеме пример за спротивното. Се уништуваат и оние кревки, делумни и недоволни резултати што биле постигнати во развојот и унапредувањето на човековите права и општествената кохезија во доменот на меѓуетничките односи, односно односите меѓу заедниците. Што може да доведе до многу тешки последици, побрзо и пожестоко отколку што повеќето луѓе можат да претпостават.

Северна Македонија беше и сè уште е посочувана како пример и за надминување меѓународни спорови по мирен пат, на креативен, демократски и достоинствен начин. Таков е Преспанскиот договор, кој уследи по 27 години неуспех на политичките елити во земјата да го надминат спорот со Грција.

И, се разбира, со сите честитки и почит кон носителите на тој договор и на целиот процес, премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, земјата може да служи како пример за тоа како се надминува еден исклучително тежок меѓународен спор.

Народите „забораваат“ – а балканските се шампиони во таа дисциплина – дека и најдобрите спогодби и мудрите одлуки се носат откако претходно биле создадени услови за конфликт и деструкција. (Кога велам „народите“ мислам на нивните политички, академски, медиумски и верски водства.)

И точно е дека во кратката историја на македонската независност има и премногу такви договори и одлуки кои – да не се заборави – претежно се донесени под покровителство на Западот (оној лошиот, декадентниот, што се распаѓа и има двојни стандарди, нели?). И секогаш тие одлуки и документи со меѓународно посредништво ја спасиле земјата од понатамошно уништување или пропаѓање чии причинители се најчесто локални, со помош на авторитарни и антидемократски сили од надвор.

Тие договори и одлуки – навистина – може да се земат како пример и во други земји и региони каде што има конфликти и спорови.

Северна Македонија – класична балканска приказна – може да се посочи и како пример за тоа како договорите не се почитуваат. За жал.

И тоа не се однесува само на Преспанскиот договор. Се однесува и на многу други договори, меѓународни норми, меѓународни спогодби и меѓународни правни решенија, особено кога се говори за човековите права и слободи. Токму така, ова е земја во која степенот на почитување на Уставот и законите е низок, а сеќавањето е кратко. Да не говориме за тоа дека неретко се носат и законски решенија што се спротивни на демократските стандарди и на уставните норми на самата земја. Кога тоа ѝ одговара, овој став го кажува и власта, небаре е опозиција, ен-џи-о или Фејсбук мудрец. Се сеќавате, реакцијата на највисоките претставници на владата по трагедијата во пожарот во дискотеката во Кочани беше дека е последица на распад на системот. Апсурдно, гротескно и – трагично. И оваа власт не е единствен пример за тоа.

Една добра и не толку траорна илустрација за тоа што го говорам е односот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова кон името на државата. На првиот ден од мандатот, при полагањето на заклетвата, таа одби да го употреби уставното име Северна Македонија и рече „Македонија“, криејќи се – смешно – зад „слободата на изразување“ и „правото на самоопределување“. Следуваа остри реакции.

Оттогаш, се одигрува една гротеска. Во обидот никогаш да не каже „Северна Македонија“, претседателката најчесто избегнува воопшто директно да ја именува денешната држава. Наместо уставното име, користи формулации како „нашата земја“ и „нашата држава“, додека „Македонија“ ја употребува во историски, географски или други граматички конструкции што ѝ овозможуваат да не го изговори името на државата онака како што е утврдено со Уставот. Така, политиката на „Никогаш Северна“ произведе апсурден резултат: од „никогаш Северна“ се стигна до речиси – никогаш Македонија, барем кога треба директно да се именува сегашната држава. Сѐ до Денот на независноста, кога во своето соопштение, повикувајќи се на АСНОМ и на референдумот од 1991 година, таа повторно го користи историскиот контекст како параван и завршува со формулацијата: „СУВЕРЕНА И САМОСТОЈНА ДРЖАВА МАКЕДОНИЈА!“ Така, и тогаш кога го употребува зборот „Македонија“, внимателно избира време, контекст и граматичка конструкција за да не мора да го изговори уставното име на државата со која претседава.

И не само што Северна Македонија може да служи како пример за долга низа политички пропусти и неуспеси, туку нејзините политички лидери во континуитет земаат пример од најлошите.

Од Србија, каде што само еден ден пред Денот на независноста на нашата земја се одржа погреб на воен злосторник – човек осуден на доживотен затвор од Хашкиот трибунал за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид. Крвникот што го воспеваат голем број Срби, го воспеваат и во Северна Македонија, а голем дел од политичарите и медиумите се ехо – ако не засилувач – на овој тренд. Токму кога земјата одбележува 35 години независност.

Поводот и честитките за јубилејот не треба да бидат причина да не проговориме и за тоа дека одбележувањето е придружено од скандали, почнувајќи од брендирањето, па сѐ до нетранспарентноста во трошењето јавни пари за прославата. Владејачката партија го киднапира јубилејот со скапа, моноетничка и монопартиска прослава, за свои потреби и хирови.

Велат, секој почеток е тежок.

Јас би рекол – да, првите сто години се тешки. За потоа, ќе видиме…

 


ЦИВИЛ МЕДИА


Поддршка за ЦИВИЛ

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

77-ми протест против владата на Еди Рама

August 16, 2026

Анкета: Турската опозициска „Нова партија“ води со речиси осум отсто пред партијата на Ердоган

August 14, 2026

Масовен сајбер напад во Полска, украдени се медицински податоци на 19 милиони граѓани

August 13, 2026

Најмалку седум мртви во нападот врз училиште во Тајланд

August 7, 2026

СОЗИС: Украинците повеќе им веруваат на генералите отколку на Зеленски

August 7, 2026
shortcut
ФОКУС
August 29, 2026

Исланд гласа за или против обновување на преговорите за членство во Европска Унија

ФОКУС August 29, 2026

Денеска, 29 август, граѓаните на Исланд гласаат дали владата треба да ги обнови пристапните преговори…

Техеран го повика Вашингтон да признае воен пораз

August 16, 2026

Букурешт: Дуња Иванова четврта на Балканот во МТБ маратон во Романија – 73 км. должина и 2.400 м. висинска разлика

August 15, 2026

Њујорк Тајмс: Европа смислува свој формат за преговори за Украина

August 15, 2026
ТИКЕР

77-ми протест против владата на Еди Рама

August 16, 2026

Анкета: Турската опозициска „Нова партија“ води со речиси осум отсто пред партијата на Ердоган

August 14, 2026

Масовен сајбер напад во Полска, украдени се медицински податоци на 19 милиони граѓани

August 13, 2026

Најмалку седум мртви во нападот врз училиште во Тајланд

August 7, 2026

СОЗИС: Украинците повеќе им веруваат на генералите отколку на Зеленски

August 7, 2026
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2026 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.