Пред точно 70 години на 6.август 1945 година американското воено воздухопловство ја фрли атомската бомба над Хирошима. Според проценките, бројот на жртви изнесува 300.000 животи.
До крајот на 45-та година во експлозијата и од повреди и болести предизвикани од радијацијата смртно настрадале околу 140.000 луѓе.
Во следните години, сѐ до денес, голем број преживеани умирале од леукемија и други болести предизвикани од зрачењето.
Бомбата наречена „Малото момче“ е исфрлена во 8:15 часот по локално време од висина од 9.600 метри, а по 43 секунди експлодирала на 600 метри над земјата.
Бомбата тешка околу 4 тони за секунда ги убила сите што биле во радиус од 500 метри и уништила 90 отсто од градот.
Околу 45 минути по експлозијата почнал да паѓа „црн дожд“ од радиоактивни честички.
Три дена по бомбардирањето на Хирошима, САД ја фрлиле атомската бомба „Дебелиот човек“ врз градот Нагасаки, по што Јапонија капитулирала на 15 август. Втората светска војна официјално завршила две недели подоцна, на 2 септември 1945 година.
Во моментот на нападот во Хирошима живееле околу 350.000 луѓе, од кои 40.000 воени лица. Денес овој град има 1,2 милион жители.




