Богатството на 85-те најголеми светски тајкуни ќе биде поголемо од сè што поседуваат останатите луѓе на планетава во 2016 година, проценува Групата за заштита на човековите права „Оксфам“.
„Оксфам“ го објави истражувањето за глобалната нееднаквост во пресрет на средбата на владините лидери од бизнис заедницата на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.
Истражувачите на групата предупредуваат дека според темпото со кое расте имотот на овие еден процент луѓе од светот, тие догодина ќе поседуваат над 50 отсто од целокупното богатство на планетата Земја.
Овој податок не треба да изненадува бидеќи имотот на овој 1% во 2009 бил 44 отсто, додека минатата година 48 проценти од планетарното богатство.
Извештајот на „Оксфам“ предупредува дека експлозијата на нееднаквоста негативно влијае врз глобалната борба против сиромаштија.
Вини Бајанијама, извршната директорка на „Оксфам интернешнл“, прашува дали луѓето навистина сакаат да живеат во свет каде 1 % од луѓето поседуваат повеќе од сите заедно.
– Мерката на глобалната нееднаквост е просто запрепастувачка и покрај сè што се презема, разликата меѓу најбогатите и останатите забрзано се зголемува – вели Бајанијама.
„Оксфам“ потсетува дека бројот на милијардерите во Индија се зголемил за три пати последнава деценија, додека во Европа мерките за штедење главно ги погодуваат оние од средна и од пониската класа.




