Во Младинскиот културен центар, денеска, во 17 часот, по трет пат ќе се одржи „Trash Fashion Macedonia“ кој ќе биде во живо пренесуван на веб страницата
„Trash Fashion Macedonia“ e натпревар на модни креации изработени со редизајнирани материјали од отпад кои ги изработија тимови од 47 средни училишта во Македонија.
Оваа година ќе видиме уште поразновидни дизајни: фустани од тоалетна хартија, корсет од бакарни жици, чанта од компјутерска тастатура и обувки од моливи и копчиња, се само дел од материјалите кои учениците ги користеа во изработка на креациите.
Откако петчленото жири ќе ги прогласи првото, второто и третото место ќе има забава со една од најпознатите македонски музички групи, која ќе остане изненадување за сите присутни.
Целта на овој настан е подигнување на општествената свест за значењето и зачувувањето на природата, со намалување на отпадот преку неговата реупотреба.
Покрај учениците и нивните ментори на настанот ќе присуствуваат високи претставници од меѓународни инситуции и од успешни македонски компании.
„Trash Fashion Macedonia 2013“ е во организација на Здружението на граѓани ОХО и e дел од програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ која се реализира во соработка со Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за образование и наука.