Во Чифте амам, утре ќе се отвори изложба на Димче Николов (1953-1998), по повод 60 години од неговото раѓање.
Димче Николов претставува една од клучните фигури во развојот на современата македонска графика и со неговата појава, кон крајот на 70-те години на 20. век, оваа уметност доби поинаква димензија и квалитет во Македонија.
Тој ја постави графичката уметност на исто рамниште со сликарството и со скулптурата. Претставувајќи ја својата ликовна преокупација преку класичните графички техники (линорез, литографија, сува игла, бакропис-акватинта), Николов постигна висок квалитет, со што остави неодминлива трага во развојот на графичката уметност во Македонија.
Учествувал на сите значајни меѓународни графички годишни, биенални и триенални манифестации (Љубљана, Краков, Фрехен, Канагава, Барцелона, Варна, Фредрикштат, Намур, Шамалиер…) Неговите квалитети биле високо ценети од критичарите и кураторите на овие манифестации и истите биле вреднувани со доделување на значајни награди, со што станува еден од најнаградуваните македонски графичари и воопшто уметници.
Добитник е на многубројни меѓународни награди и признанија, како и на наградата за животно дело 11 Октомври на Република Македонија.
Кустос на изложбата е Мирјана Талеска