Лидерите на ЕУ денеска во Брисел одржуваат самит на кој меѓудругото ќе разговараат за ситуацијата со мигрантите, економски прашања, заедничката надворешна и одбранбена политика и за ситуацијата во Западен Балкан, кој ќе биде главна тема на вечерата на лидерите на ЕУ.
Притоа се очекува тие да ветат само „јасна поддршка“ за европската перспектива на Балканот, но во текстот на заклучокот што ќе биде усвоен утре до кој дојде НОВА, не се споменува ниту една земја конкретно:
“Европскиот совет дебатираше за ситуацијата на Западниот Балкан и ќе продолжи и понатаму да ја разгледува. Потсетуваме дека и даваме поддршка на европската перспектива на Западниот Балкан, Европскиот совет подвлекува дека ЕУ останува посветена и ангарижана во овој регион, ја поддржуваме стабилноста и продлабочување на политичките и економски врски со и во овој регион. Во тој контекст Европскиот совет го поздравува одржување на самитот на Западниот Балкан кој ќе се одржи на 12 јули во Трст“, се вели во заклучокот.
Шефовите на европските дипломатии во понеделникот во Брисел ги поддржаа и застанаа зад изјавите на Федерика Могерини кои таа ги даде за време на нејзината посета на Македонија минатата недела.