Годинашното издание на Оф фест завршува вечерва со концертот на Кимо Похјонен од Финска и Tori Ensemble“ од Јужна Кореја
Од 1996 година наваму, по многубројните проекти во областа на фолк, денс, театарската и авангардната музика, тој се фокусира на својот соло проект сочинет од екстремни и оригинални композиции, миди-електрична хармоника изработена по негова мерка, семплови во живо и ефекти, динамична сценска изведба, специјално осветлување и „сараунд“ звук.
Дизајнот на светлото и звукот се клучни елементи во неговиот перформанс, што го прави настанот извонредно стимулативен, како од визуелна, така и од звучна перспектива.
Неговите концерти и неговата музика се сметаат за револуционерни, фасцинирајќи ја подеднакво публиката и критиката со својата бескомпромисна моќ и оригиналност. Кимо Похјонен, чие име ќе го сретнете на повеќе од 50 албумски изданија на други музичари, го објави својот прв соло албум “Kielo” во 1999 година, доживувајќи едногласно брилијантни критики.
Оваа година се очекува да излезе неговиот нов соло албум.
Вечерва, во МОБ ќе настапат и „Tori Ensemble“ од Јужна Кореја кои се музичари што имаат сопствен специфичен музички пристап.
Зборот „тори“ означува повеќе начини на кои една музичка традиција е интерпретирана во различни региони на Кореја. Групата постојано трага по нови модели на третирање на ваквите „тори“ и нивно комбинирање со западните музички дијалекти. Во Кореја и надвор од нејзините граници, тие настапуваат под името Tori Ensemble од 2007 година, како група од четворица корејски традиционални музичари, но и под името Tori Project, со тројца американски фри-џез артисти: Ned Rothenberg, Erik Friedlander и Satoshi Takeishi. Посветувајќи се на врвното музицирање, на песните со корејско потекло и на блескавите импровизации, тие создаваат стара и нова музика од некои далечни предели.