„Демонстрациите на Таксим не се на политички партии или институции. Тоа е народно движење. Не се работи за религија, не се работи за име или за бог. Луѓето демонстрираат ширум Турција за слобода, хуманост, живот и зеленило. Гези парк е симбол на тоа како турската влада ја разбира моќта. Ние не сме екстремисти, ние сме студенти, учители, работници, мајки и татковци, здружени во загриженоста за иднината на Турција. Ние бараме да престане полициското насилство. Ние бараме слободни медиуми и отворен дијалог.“, рече Сабри Кусконмаз, генерален секретар на турскиот ПЕН центар на денешната конференија на македонскиот ПЕН центар, со тема „Зборот и слободата“.
Таа на конференцијата го презентираше извештајот на меѓународниот ПЕН, според кој, во
Турција има алармантен број на писатели во затвор. Во моментов дури 70 писатели и новинари издржуваат затворски казни, а уште против најмалку 60 се покренати судски процеси.
Иако македонските членови на ПЕН центарот со аплауз го поздравија обраќањето на Кусконмаз, во нивните дискусии не се спомнаа актуелните случувања во Македонија со апсењето на новинарот Кежаровски.
Поранешниот претседател на македонскиот ПЕН центар, Димитар Башевски, рече дека во сите земји на Балканот се заострува борбата за слобода на зборот. Во Македонија – со новиот закон за медиумите постои тенденција тие да се замолкнат, да се завладее со нив.
Дел од таа стратегија е рекламирањето на владата во одредени медиуми.
„Поткупливоста е многу поефикасна од справите за мачење“, рече Башевски
Тој ги наведе случаите на затворањето на медиуми во Македонија, на затворениот новинар Кежаровски, кој е во притвор заради искажан збор и новнарка која е прогласена за персона нон грата од соседна држава.
„ Ако нема слобода на зборот, нема никаква слобода“, рече Башевски.
Инаку, конференцијата ја отворија Ферид Мухиќ, академик Катица Ќулафкова и претседателот на македонскиот ПЕН центар, Ристо Лазаров.
Од гостите од странство учествуваа генералните секретари на ПЕН центрите на Турција, Словачка, Романија, како и писатели од Хрватска, Србија, Црна гора, Албанија и Косово.
.