Државниот просветен инспекторат нема да го казни директорот на прилепската гимназија, Кире Николоски, кој во гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп ги повикуваше учениците да си ја одбранат државата.
„Врз основа на контролата спроведена од Инспекторатот во С.У. „Мирче Ацев“ во Прилеп не се исполнети условите од членот 109 став 1, алинеја 1 и став 2 од Законот за средно образование за постоење на прекршок и изрекување санкција“, соопштија од Државен просветен инспекторат.
Народниот правобранител за „Алсат“ изјави дека се сомнева во одлуката на Инспекторатот. Иџет Мемети најавува постапка за утврдување на веродостојноста на одлуката на ова државно тело.
„Инспекторатот не смее да се однесува така и да рече дека немаме докази, кога докази имаме од медиумите, дури и изјави од директорите на училиштата. Секако дека Народниот правобранител врши мониторинг на работата на Инспекторатот за тоа дали тие постапката ја водат законски. Од денес ние во канцеларијата на Народниот правобранител ќе отвориме постапка за Државниот просветен инспекторат за да се утврди дали Инспекторатот работи согласно законот или и тие се политизирани и се обидуваат да затворат постапки или да скријат јасни докази.“ – изјави Мемети
Одговорност за Николоски побараа и невладини организации и голем дел родителите на учениците.
Директорот Николоски, за НОВА ТВ изјави дека не се чувстува одговорен и дека тој секогаш и зборувал на учениците да си ја сакаат државата.