Македонскиот композитор Дуке Бојаџиев кој веќе 12 години живее и креативно создава во Њујорк, почна соработката со познатиот американски режисер Џонатан Дем, чии што филмови се „Филаделфија“, „Манџурискиот кандидат“, „Вистината за Чарли“ и други. Дем во 1992 година беше награден со Оскар за најдобар филм и режија на незаборавниот трилер „Кога јагнињата ќе стивнат“.
Во моментов, Дем ја работи пост-продукцијата на својата најнова драма „Страв од паѓање“, инспирирана од театарскиот текст на Хенрик Ибзен за архитектот заробен во сопствените фантазии. Улогите ги толкуваат Валас Шон, Џули Хегерти, Лиза Џојс и Лери Пајн. Листата автори на музиката за ова филмско остварување ја предводи македонскиот композитор.
„Пред две години накратко соработувавме со Дем на еден пилот-телевизиски проект, што се покажа како одлична прилика за Џонатан да се запознае со мојата музика. Така, бев поканет да бидам дел од музичкиот тим за неговиот најнов филм. Освен што напишав дел од музиката, поголемиот материјал од комплетната музика исто беше снимен во моето студио, бидејќи на Дем и продукциски му се допадна тоа што го работам, па инсистираше и другите теми да се снимаат кај мене. Навистина имав прекрасно искуство со еден врвен режисер, отворен и прекрасен човек, полн со креативен набој“, вели Бојаџиев.
Инаку, Бојаџиев ја раотеше музиката и во филмот „Војната заврши“ на Митко Панов, а во моментов, тој го завршува музичкото обликување на уште еден македонски целовечерен филм.