Турците Мустафа Арда Ачар, неговите сонароднички Седа Нур и Кадер Коркмаз како и Хрватот Антонио Мариниќ се победнички по категории на традиционалната кајакарска манифестација „ИКАС 2017“ што викендот се одржа по 49 пат на патеката во СРЦ „Матка“.
Ачар покажа најдобри вештини и рефлекси и забележа најдобро време во дисциплината К1 и на крајот заслужено се закити со златниот медал. Среброто му припадна на Гркот Панајотис Зисекас, а бронзата заврши кај Турчинот Анил Ачар.
Пласман веднаш зад медалистите оствари Љубомир Спасиќ кој беше најдобропласиран македонски репрезент. Борче Мирчевски заврши како седми, Христијан Игњатов како осми, Енис Небиовски како деветти и Сашко Нацев како десетти.
Победата во женската трка во К1 ја однесе Седа Нур пред сонародничката Гамзе Полат и Олена Никодовск од Украина.
Во категоријата Ц1 кај мажите најдобар беше Антонио Мариниќ пред Србинот Горан Јовановиќ и Турчинот Мурат Читчи. Домашен адут во финалето во оваа дисциплина беше Роберт Папазов кој заврши на четвртата позиција. Кадер Коркмаз победи во Ц1 во женска конкуренција.
На годинашното издание на Илинденскиот кајак слалом во СРЦ „Матка“ се учествуваа натпреварувачи од Македонија, Србија, Хрватска, Грција, Турција, Унгарија, Украина, Литванија и Финска.